Вчеравечер владата, на седница со која претседаваше Радмила Шекеринска, го усвои текстот на Законот за употреба на јазиците кој произлегува од усогласувањето на националната програма за усвојување на правото на Европската Унија, соопштија владините служби.
Откако законот ќе биде усвоен во Собранието на Република Македонија, Министерството за правда, преку Министерството за надворешни работи, ќе го достави законот и отворените прашања кои кои не се дел од овој закон, до Венецијанската комисија и ќе побара мислење за пакетот законски решенија.
Владата ги разгледа извештаите за работењето во првиот квартал од оваа година на ЈП МЖ Инфраструктура и на Македонски железници – Транспорт.
Посебна точка на седницата беше барањето на Македонски железници да се донесе одлука за доделување финансиска помош за ова акционерско друштво за подобрување на финансиската состојба и покривање на загубите до крајот на годината.
Дополнително, Владата ја разгледа информацијата на Министерството за образование и наука и ја прифати Предлог Одлуката за изменување на Одлуката за бројот на студенти за запишување во прва година-прв циклус на студии на јавните високообразовни установи на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола, Универзитетот во Тетово, Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид и Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, во учебната 2017/2018 година.







