Две лица се убиени, а најмалку шест се повредени во денешниот вооружен инцидент во Ерусалим.
Инцидентот се случи во близина на седиштето на израелската полиција.
Напаѓачот, идентификуван како 39-годишен Палестинец од источен Ерусалим, според информациите, почнал да пука од својот автомобил во толпа луѓе што чекале трамвај.
Веднаш потоа тој избегал. Убиен е во престрелка со полицијата на околу еден километар од местото на настанот.
Во нападот се убиени една шеесетгодишна жена и полициски службеник, а ранети се шест лица кои се пренесени в болница и задржани на лекување.
Полицијата го квалификуваше денешниот инцидент како терористички напад и отвори истрага.
Исламистичкото движење Хамас го поддржа нападот нарекувајќи го „природен одговор на окупаторските злосторства“, мислејќи притоа на израелската окупација на палестинските територии.







