Најмалку 52 лица загинаа, а повеќе од 50 се повредени во експлозија на бомба на верски собир во покраината Белучистан, на југозападот на Пакистан, соопшти полицијата, додавајќи дека најверојатно станува збор за самоубиствен напад.
Белучистан во минатото беше место на напади од исламистички и сепаратистички милитанти.
Експлозијата се случи близу џамија за време на верска поворка одржана по повод роденденот на пророкот Мухамед.
„Се чини дека станува збор за самоубиствен напад. Бомбаш-самоубиец активираше експлозив во близина на возилото на заменик-началникот на полицијата“, рече високиот локален полициски службеник, Хавед Лехри.
Ниту една група се уште не ја презела одговорноста за нападот.
Техрик-е Талибан Пакистан, најмоќната меѓу разните радикални сунитски исламистички групи, негираше дека нејзин припадник го извршил нападот.
Ранетите се префрлени на лекување во болниците во блискиот град Мастунг.
Министерот за внатрешни работи, Сарфраз Бугти, ја нарече експлозијата „многу гнасен чин“.
Во јули, повеќе од 40 луѓе беа убиени во самоубиствен бомбашки напад во северозападниот дел на земјата на собир на верска политичка партија.







