Цените на нафтата денеска скокнаа за повеќе од четири отсто по ненадејната офанзива на палестинското екстремистичко движење Хамас врз Израел, што предизвика загриженост за последиците за снабдувањето во регионот богат со енергија.
На почетокот на денешното тргување на азиските берзи суровата нафта од типот „брент“ скокна за 4,7 отсто на 86,65 долари, а западниот тексас интермедијт (WTI) порасна за 4,5 отсто на 88,39 долари.
По ненадејниот напад на палестински Хамас на израелска територија во саботата и вчерашното израелско објавување војна на палестинското екстремистичко движење, загинаа повеќе од 1.100 луѓе, а се стравува од ново зголемување на тензиите на Блискиот Исток.
Кризата избувна во време кога цените на нафтата веќе беа високи поради загриженоста за падот на производството во Русија и Саудиска Арабија.
Тоа ги зголеми и стравувањата за последиците по инфлацијата. Поскапувањето на енергенсите е една од главните причини за сегашното поскапување.
Аналитичарот Стивен Инес предупреди дека историјата покажува дека цените на нафтата имаат тенденција да забележат одржливи добивки по кризите на Блискиот Исток.
Во петокот цената на нафтата заврши со мал пораст во Њујорк.
Покрај тоа, минатата недела, Организацијата на земјите извознички на нафта и нивните сојузници ОПЕК Плус предложија да се задржи сегашната стратегија за намалување на производството, засилена со намалувањата на Саудиска Арабија и Русија со цел да се поддржат цените.
Фото: Pixabay/David Roumanet







