Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, вчера го обвини Израел дека шири дезинформации за себе, за време на повеќе од осуммесечната војна меѓу Израел и палестинските милитанти на Хамас во Појасот Газа.
„Го слушнав истиот извор многу пати како тврди дека никогаш не сум го нападнал Хамас, дека никогаш не сум го осудил Хамас, дека сум поддржувач на Хамас“, рече Гутереш на конференција за новинари зборувајќи за интегритетот на информациите, без да го именува Израел.
„Го осудив Хамас 102 пати, од тоа 51 пат во официјални говори, а останатото на различни социјални платформи“, рече тој и додаде: „Вистината на крајот секогаш победува“.
Израелскиот амбасадорот во ОН, Гилад Ердан, истакна дека осудите на Гутереш се „празни зборови во споредба со неговите постапки“.
„Неговата единствена цел е да му помогне на Хамас да ја преброди оваа војна. Го сметаме за презир тоа што генералниот секретар одбива да се придржува до стандардите на ОН и дава искривена слика за настаните на теренот“, рече Ердан.
„Антонио Гутереш е соучесник на теророт и треба да поднесе оставка уште денеска“, го осуди од своја страна израелскиот амбасадор.
Односите меѓу ОН и Израел веќе подолго време се затегнати, а за време на војната меѓу Израел и Хамас тие само се влошија.
Израел ги обвини ОН дека дејствуваат против нивната држава, обвинувајќи го персоналот на ОН дека соработува со Хамас и со други милитанти. ОН истражува некои од наводите, но изворите велат дека во многу случаи допрва треба да се добијат докази од Израел.
(Фото: Мандел Нган / АФП)







