„Блумберг“ ја објави годинешнава листа на 25 најбогати семејства во светот, врз основа на податоците за нето вредноста собрани на крајот на ноември. Во нивната анализа на династиите кои останале успешни и покрај војните, кризите или даноците, исклучени се семејните богатства на првата генерација и парите кои ги контролира еден наследник.
Во споредба со минатогодишната листа, семејството Ал Нахјан за прв пат се најде на пописот на најбогати семејства – и тоа на самиот врв. Ги надминаа основачите на „Волмарт“ (Walmart), семејството Волтон, за дури 45 милијарди долари.
Уште еден „нов член“ на листата е кралското семејство на Катаар, Ал Тани, кое е на петтото место.
Значи, прво на листата е семејството Ал Нахјан, кое со децении владееше со подрачјето кое што сега е Обединети Арапски Емирати. Членот на семејството Мохамед бин Зајед Ал Нахјан е во исто време и претседател на земјата, додека другите имаат улоги во владата и во приватниот сектор. Нивното богатство се проценува на 305 милијарди долари, а нивната компанија „Интернационал холдинг“ (International Holding Co.) забележа раст на акциите за речиси 7.000 отсто во последните четири години.
Второ по ред е семејството Волтон, кое го основа познатиот ланец „Волмарт“ во Соединетите Американски Држави. Нивното богатство се проценува на 259,7 милијарди долари, а компанијата заработи 611,3 милијарди долари приход во последната фискална година, преку повеќе од 10.000 трговски продавници ширум светот.
Третото семејство е Хермес, кое ја основа истоимената луксузна марка на производи како чанти, накит, шалови и мебел. Богатството на ова француско семејство се проценува на 150,9 милијарди долари, а нивната шеста генерација моментално е сопственик на луксузниот бренд кој е основан откако Тиери Хермес почнал да произведува опрема за јавање за благородниците. Семејството колективно поседува повеќе од две третини од производителот на луксузни стоки.
Четвртото најбогато семејство е Марс со истоимената фирма, позната по производството на слатки како „МиМ“ (M&M’s), „Милки Веј“ (Milky Way) и „Сникерс“ (Snickers), како и производи за нега на домашни миленици. Основачот, Френк Марс, почнал да продава бонбони во 1902 година на 19-годишна возраст, но сега повеќе од половина од приходите на ова американско семејство доаѓаат од производи за домашни миленици. Френк не сакаше да му даде на својот син Форест дел од компанијата, па неколку години по неговата смрт Форест ги откупи акциите за да преземе целосна сопственост.
Петтото најбогато семејство е Ал Тани од Катар, а нивното богатство се проценува на 133 милијарди долари. Нивното владеење започна во средината на 19 век, а денес членовите на семејството имаат бројни политички позиции и доминираат во локалната економија, поседувајќи фирми, хотели, странски имот и модни брендови како што е „Валентино“. Бројот на членови на семејството Ал Тани е во илјадници. Во еден момент тие сочинуваа речиси половина од населението во Катар.
Шестото најбогато семејство е Коч со фирмата „Коч индустри“ и богатство од 127,3 милијарди долари. Оваа американска династија започна откако браќата Фредерик, Чарлс, Дејвид и Вилијам ја наследија нафтената компанија на нивниот татко Фред. По меѓусебната расправија во раните 80-ти години од минатиот век, двајца браќа го напуштија семејниот бизнис, кој подоцна се претвори во конгломерат со годишни приходи од околу 125 милијарди долари.
Седмото најбогато семејство потекнува од Саудиска Арабија и не е необично тоа дека се работи за кралското семејство Ал Сауд со богатство од 112 милијарди долари. Богатството на оваа монархија доаѓа од националните резерви на нафта, а материјалните приходи на вкупно 15 илјади членови на поширокото семејство веројатно е многу поголем од првичната проценка. Членовите на кралското семејство заработуваат со посредување во државни договори и со земјишни работи, како и со основање компании. Кралскиот фонд ПИФ има повеќе од 700 милијарди долари во имот.
Осмото најбогато семејство е Амбани од Индија, кои го основаа „Рилианс Индустри“ (Reliance Industries) со проценета вредност од 89,9 милијарди долари. Дирубаи Амбани ја основал компанијата, но кога починал во 2002 година без оставен тестамент, неговата сопруга посредувала во спогодбата со нивните синови за контрола на семејното богатство. Тие го поседуваат најголемиот комплекс во светот за преработка на нафта и живеат во објект од 27 катови, кој е најскапа приватна резиденција на светот.
Деветтото по ред најбогато семејство е Вертхајмер од Франција, попознати како основачи на луксузниот бренд „Шанел“ (Shanel). Со продажба на луксузни стоки, семејството заработило богатство од 89,6 милијарди долари. Во моментов „Шанел“ го водат браќата Ален и Жерар, кои поседуваат и тркачки коњи и лозја, додека нивниот полубрат Чарлс Хајлброн ја води фирмата „Моис Партнерс“ (Mousse Partners) која управува со инвестиции.
Десеттото најбогато семејство е Томсон од Канада, со медиумска компанија „Томсон Ројтерс“ и богатство од 71,1 милијарди долари. Основачот Рој Томсон отвори радио станица во Онтарио во 30-тите години од 20 век, а потоа компанијата се прошири и со печатени медиуми. Семејството поседува околу 69 отсто од „Томсон Ројтерс“, која минатата година оствари приход од 6,6 милијарди долари.
Единаесеттото најбогато семејство е Каргил со компанијата „Каргил“ (Cargill) и богатство од 63,3 милијарди долари. Нивната прехранбена и земјоделска фирма за една година остварила приход од 176,7 милијарди долари. Основана е од Вилијам В. Каргил, кој го започнал бизнисот во 1865 година со едно складиште за житарици.
Дванаесетти на листата најбогати семејства на „Блумберг“ е семејството Џонсон со американската компанија „Фиделити Инвестент“ (Fidelity Investments) и богатство од 55,7 милијарди долари.
Семејствата Бенхрингер и Вон Баумбах се 13-ти по ред на листата, со друштвото „Бенхингер Ингелхајм (Boehringer Ingelheim) и богатство од 51,3 милијарди долари. Германското семејство работи во фармацевтската индустрија, а фирмата во 1885 година ја основал Алберт Бехрингер. Повеќе од еден век подоцна, тие се уште се на чело на компанијата.
Семејството Квандт, попознати како производители на автомобилите „БМВ“, се најде на 14-то место со богатство од 49,4 милијарди долари. Германското семејство сè уште поседува речиси половина од компанијата, која се претвори во еден од најголемите светски производители на луксузни возила.
Германското семејство Албрехт со компанијата „Алди“ го зазеде 15-то место, а нивното богатство се проценува на 48,8 милијарди долари. Тео и Карл Албрехт ја презедоа продавницата со мешовити стоки на нивните родители по Втората светска војна и ја претворија во „Алди“, национален ланец на супермаркети. Нивните две подружници – „Алди Норд“ и „Алди Суд“ – сега заедно имаат повеќе од 10 илјади продавници, а семејството ја поседува и фирмата „Традер Џојс“ (Trader Joe’s), која ја купиле во 1979 година.
Американското семејство Прицкер со хотелите „Хајат“ се 16-ти на листата на најбогати семејства, со над 46,5 милијарди долари. Синот на украински имигранти, А.Н. Прицкер, почнал да инвестира во недвижнини и пропаднати фирми додека работел во адвокатската канцеларија на својот татко. Подоцна, вложувањата се претворија во хотели „Хајат“, а членовите на семејството имаат и политички позиции како што се министер за трговија на САД и гувернер на Илиноис.
Швајцарските семејства Хофман и Оери со нивната фармацевтска компанија „Рош“ (Roche)го зазедоа 17-то место на листата.Нивното богатство е проценето на 44,8 милијарди долари. „Рош Холдинг“ е основан во 1896 година од страна на претприемачот Фриц Хофман-Ла Рош.Семејството во моментов поседува околу 10 отсто од компанијата чии лекови за онкологија остварија приход од 66,3 милијарди долари во 2022 година.
Белгиските семејства Ван Дам, Де Споелберх и Де Мевиус со своето производство на пијалоци под компанијата „Анхејсер Буш Инбев“ (Anheuser-Busch Inbev) се на 18-то место на листата.
Имаат богатство од 43,5 милијарди долари. Познати се по пиварата „Домелш“ и пивото „Стела Артоис“, кое било пуштено во продажба како божиќно пиво. Заедничката фирма на овие три фамилии кои произведуваат пиво ги влече корените од 14 век.
Индонезиското семејство Хартоно со основањето на „Џарум“ (Djarum) оствари богатство од 42,1 милијарди долари и го зазеде 19-тото место.
Оеи Ви Гван купи бренд на цигари во 1950 година и го преименуваше „Џарум“, а потоа стана еден од најголемите производители на цигари во Индонезија. Откако почина во 1963 година, неговите синови инвестирале во Банката на Централна Азија, што во моментов го прави најголемиот дел од семејното богатство.
Французите Дешалт и нивната фирма „Дешалт Системс“ (Dassault Systemes) која се занимава со софтвери и воздухопловство се рангирани на 20-то место на листата со богатство од 39,2 милијарди долари.Марсел Дешалт измислил тип на пропелер за авиони за време на Првата светска војна, кој го користела француската војска.Компанијата стана позната по своите борбени авиони „Мираж“ и „Рафал“, а семејството моментално работи со софтвери, медиуми и со недвижности.Нивната највредна фирма е „Дешалт Системс“, која произведува софтвери за 3Д дизајн со приход од 6 милијарди долари.
Семејството Кокс од Соединетите Американски Држави и нивната компанија „Кокс Ентерпрајс“ (Cox Enterprises) е на 21 место на листата на најбогати семејства во светот со приход од 36 милијарди долари.
Фокусирани се на комуникација и автомобили, а „Кокс Комуникации“ е најголемата приватна фирма во САД. Џејмс М. Кокс ја основал компанијата во 1898 година, а денес ја води неговиот правнук.
Француското семејство Мулиез и нивната компанија „Ајхан“ (Auchan) се рангирани на 22 место со богатство од 34,3 милијарди долари.Во 1961 година, Жерар Мулиез ја отворил продавницата со стоки за широка потрошувачка „Ајхан“, која во моментов е позната како француски Валмарт и се прошири во еден од најголемите европски ланци на супермаркети.Семејството го „контролира“ и ланецот за уредување на домот „Лирој Мерлин“ (Leroy Merlin).
Италијанското семејство Фереро со истоимената фирма позната по своите слатки, е на 23-то место. Имаат богатство од 33,5 милијарди долари.
Микеле Фереро изградил светска фирма за чоколадни слатки од мала продавница во италијанскиот град Алба. Неговиот син Џовани го презеде надзорот над семејниот бизнис откако неговиот брат Пјетро загина во сообраќајна несреќа. „Фереро“ (Ferrero) купи дел од „Нестле“ во 2018 година.
Кинеското семејство Квок и нивната фирма за недвижнини „Сан Ханг Каи Пропертис“ (Sun Hung Kai Properties) се рангирани на 24-то место. Имаат богатство што се проценува на 32,5 милијарди долари.
Компанијата купи многу недвижен имот во Хонг Конг и стана најголемиот трговец со недвижности. Семејство Данкан од САД и нивната фирма „Ентерпрајс Продукт (Enterprise Products Partners) е на последното место на листата на 25 најбогати семејства во светот. Имаат „само“ 32 милијарди долари. Ден Данкан почнал да работи за нафтени компании откако ја напуштил американската армија, а ко-основач е на велетрговија со течен природен гас. Компанијата во моментов е една од најголемите енергетски компании во САД.







