
„Минатата година отворивме клучни перспективи за државата преку проактивна надворешна политика, лидерство и визионерски патриотизам. Сега треба да ги искористиме шансите. Клучот од Преспа ги отвори вратите кон евроатлантските интеграции. НАТО членството стана реалност. Има реална надеж на Самитот во Лондон во декември годинава да учествуваме како полноправна членка.
Успехот од договорот со Грција, на кој му претходеше договорот за пријателство со Бугарија, предизвика лавина од меѓународни честитки како одлична вест во морето на лоши вести. Овој позитивен бран ЕУ едноставно не може да не го валоризира, доколку паралелно понудиме и доволно реформски аргументи. Бидејќи самиот Договор од Преспа е европски подвиг.
Последниот крупен реформски чекор беше проширувањето на надлежностите и изборот на Антикорупциската комисија. Сега Собранието треба да најде сили и да направи уште неколку реформски чекори. Пред се’ мислам на Законот против дискриминација и законско решение за иднината на СЈО и неговата досегашна работа.
Вака подготвени, во јуни ќе имаме реална шанса да го фатиме европскиот воз. Должни сме пред идните генерации да направиме се’ што можеме да бидеме внатре. Не знам кога ќе поминува следниот.
На тоа патување ќе мора да расте целото општество – политичарите, партиите, невладиниот сектор, медиумите, граѓаните… Добро де, политичарите и партиите, посебно.
Ни требаат и фер, мирни и демократски претседателски избори и избор на претседател кој ќе биде принципиелен партнер на владата во реализацијата на историската цел. Принципиелен партнер, но и коректив на начинот на водење политика. Мислам дека изборот меѓу кандидатите, посебно меѓу госпоѓата Силјановска и Стево Пендаровски нема да ви биде особено тежок. Со среќа Стево!, напиша Димитров на Фејсбук.







