Израел денеска го продолжи смртоносното бомбардирање на Газа, додека Вашингтон стави вето на резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се повикува на прекин на огнот на палестинската територија.
Глобалните сили, иако настојуваат, досега не успеаја да најдат излез од растечката криза, а ниту напорите за посредување не обезбедија примирје.
Агенцијата за храна на ОН вчера соопшти дека морала да ги запре очајнички потребните испораки на северниот дел од територијата откако таму се соочи со „целосен хаос и насилство“, одлука што ја осуди Хамас.
Светската програма за храна во неделата ги обнови испораките, но нивниот конвој беше пречекан со пукотници, насилство и грабежи, возачот на камионот бил претепан па доставата беше повторно запрена.
„Шокирани сме од одлуката да не се носи помош во храна во северниот дел на Газа. Тоа значи смртна казна за три четвртини од милион луѓе“, соопшти вчера вечерта канцеларијата за медиуми на Хамас.
Повикувајќи ја агенцијата „веднаш да ја повлече катастрофалната одлука“, од Хамас истакнаа дека „Обединетите нации и меѓународната заедница ги сметаат за одговорни“.
Од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас, Газа се соочува со недостиг на храна, а носењето на помош од надвор е сериозно ограничено.
ОН повеќе пати алармираа за страшната хуманитарна ситуација во Газа, предупредувајќи дека недостигот на храна може да доведе до „експлозија“ во смртноста на децата.
Немилосрдните борби што се водат повеќе од четири месеци срамнија со земја голем дел од крајбрежната територија, туркајќи 2,2 милиони луѓе на работ на глад и раселувајќи три четвртини од населението, според проценките на ОН.
„Повеќе не можеме да издржиме. Немаме брашно, не знаеме ни каде да одиме на ова студено време“, вели Ахмад, жител на градот Газа, чии улици се преполни со урнатини од уништени згради и ѓубре.
„Бараме прекин на огнот. Сакаме да живееме“, додаде тој.
Но, во Њујорк, Америка стави вето на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН, која ја подготви Алжир, а со која се бара итен хуманитарен прекин на огнот и „безусловно“ ослободување на сите заложници грабнати во нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври.
Ветото предизвика лавина критики од земјите како Кина, Русија, Саудиска Арабија, па дури и блиските сојузници на САД, Франција и Словенија.
Хамас оцени дека американското вето значи „зелено светло за извршување на нови масакри во окупацијата“.
Додека светските сили гласаа „за“ и „против“, израелските воени сили рано утрово жестоко ја погодија Газа, при што загинаа 103 лица, според информација добиена од Министерството за здравство со кое управува Хамас.
Сведоци известиле за силно гранатирање во Газа, вклучувајќи ги и Хан Јунис и Рафах, градови во близина на египетската граница, каде што околу 1,4 милиони раселени Палестинци побараа засолниште.
Рафах, последниот град во Газа кој се соочува со копнена инвазија на израелските сили, е главната влезна точка за очајнички потребната помош преку Египет.
Катар, кој игра клучна посредничка улога меѓу Хамас и Израел, вчера информираше дека лековите испратени во Газа, според спогодбата на која присуствуваше и Франција, стигнале до заложниците кои ги држат милитантите, во замена за пратката на хуманитарна помош.
Но, генерално, преговарачките напори не успеаја да обезбедат долгорочно примирје, и покрај меѓународниот притисок, Израел е дециден дека копнената операција против Рафах била неопходна за уништување на Хамас.
Војната почна кога Хамас на 7 октомври изврши напад без преседан кој резултираше со смрт на околу 1.160 луѓе во Израел, повеќето од нив цивили, според податоците на АФП.
Милитантите на Хамас, исто така, зедоа околу 250 заложници, од кои 130 останаа во Газа, вклучително и 30 за кои Израел претпоставува дека се мртви.
Во израелската одмаздничка акција загинаа најмалку 29.195 луѓе, повеќето жени и деца, според најновите податоци на Министерството за здравство на територијата.
Водачите на глобалните хуманитарни групи велат дека копнената офанзива може да го претвори Рафах во „гробишта“, предупредувајќи на „навистина незамисливите“ последици од нападите со сета сила.
Израел соопшти дека ќе продолжи со офанзивата и за време на светиот муслимански месец, дури и во Рафах, ако сите заложници не бидат ослободени до почетокот на Рамазан на 10 или 11 март.
Се очекува дека денеска Брет МекГурк, координаторот на Белата куќа за Блискиот Исток и Северна Африка, ќе допатува во Египет, а од таму утре да замине за Израел за да го поттикне договорот за заложниците.
„МекГурк ќе ја повтори загриженоста на американскиот претседател Џо Бајден за најавената израелска операција во Рафах“, изјави портпаролот на американскиот Совет за национална безбедност, Џон Кирби.
Придружувајќи се на меѓународните критики на Израел, колумбискиот претседател, Густаво Петро, вчера го обвини официјален Тел Авив дека извршил „геноцид“ врз Палестинците во Газа, повторувајќи ги зборовите на бразилскиот претседател, Луис Инасио Лула да Силва.
Лула предизвика дипломатска бура со своите коментари пред самитот на Г-20 во Рио де Жанеиро, кој официјално ќе биде отворен денеска, и Израел го прогласи за „персона нон грата“.
(Фото: Википедија)







