Шпанскиот социјалистички премиер, Педро Санчез, денеска освои нов четиригодишен премиерски мандат, откако за неговата левичарска влада гласаа 179 од 350 членови на парламентот.
Санчез го поддржаа левите и регионалните партии на Каталонија, Баскија, Галиција и Канарските Острови. Против беа 171 претставник на десните Народна партија и Вокс.
Шпанија, која моментално претседава со Европската унија, доби нова влада по изборите одржани во јули.
„Сакам да им се заблагодарам на сите политички групи за поддршката да добијам нов мандат и формирам коалициска влада“, рече 51-годишниот Санчез.
Тој со поддршка на други партиски групи и со 121 претставник на неговата Шпанска социјалистичка работничка партија (ПСОЕ), ја надмина бројката од 176 потребни пратеници за формирање влада, после отстапките на регионалните партии.
Најавата на Законот за амнестија, со кој се помилуваат активистите за независност, за организирање на забранетиот референдум во 2017 година, со што се суспендира кривичниот прогон за нив, доведе до улични протести во последните денови.
Денеска околу парламентот имаше 1.600 полицајци кои ја обезбедуваа зградата додека пратениците гласаа за нов мандат на Санчез.
Подготвувајќи го законот за амнестија на организаторите на референдумот, Санчез одби да го прифати договорениот референдум за независност на Каталонија, постојано повторувајќи дека е спротивен на Уставот на Шпанија, но се обврза да разговара за тоа.
Исто така, се обврза на преговори за тоа Каталонија самостојно да ги собира даноци и самостојно да управува со приградската железница.
Ќе соработува и со каталонската влада на планот за враќањето на компаниите во Каталонија, кои ја напушти автономната покраина на североистокот, после тензиите што настанаа во 2017 година.
Вети и дека Каталонија, каде што живеат 7,5 милиони жители, подиректно ќе учествува во европските и другите меѓународни институции.
Поради ова, шпанската влада веќе испрати барање до Брисел каталонскиот, баскискиот и галицискиот јазик да станат официјални јазици на Европската унија, покрај веќе присутниот шпански јазик.
За да се исполнат сите услови, договорено е да се формира комисија во која треба да бидат и меѓународни претставници, а која ќе го надгледува спроведувањето на договорот.
Со ова Санчез ја доби поддршката од 14 каталонски пратеници, седум од партијата ЈхСАТ и седум од ЕРЦ.
На таа партија, чиј член е каталонскиот премиер Пере Арагонес, и вети намалување на долгот на Регионалниот фонд за ликвидност (ФЛА), кој е државен фонд кој одобрува кредити на регионите и нивните јавни претпријатија кога ќе се најдат во финансиски тешкотии. Долгот на Каталонија би бил намален од 73 милијарди на 58 милијарди евра.
На Националистичкиот блок на Галиција (БНГ), левичарска партија која се залага за независност на северната покраина Галиција, и вети намалување на таквиот долг за 20 отсто.
Некои од вкупно 17-те автономни покраини, кои се исто така должни, рекоа дека таквиот договор е неправеден.
На Баскиската националистичка партија (ПНВ), умерена партија од десниот центар која поддржува референдум за независност на Баскија, но не инсистира за него, и вети дека Баскија ќе добие статус на „нација“.
Партијата на Санчез досега го блокираше воведувањето на овој статус во баскискиот регионален парламент.
Баскија би требало самостојно да управува со општествениот систем и на тој начин да добие поголема автономија.
Ова беше одобрено и од левичарската партија ЕХ Билд, која бара референдум за независност на Баскија, каде живеат 2,2 милиони луѓе, но го поддржа Санчез без него.
На регионалната партија на Канарските острови, каде пристигнуваат многу емигранти од Африка, и вети, пак, поголема финансиска помош.
Санчез првиот договор го постигна со неговиот сегашен коалициски партнер Сумар, група помали левичарски партии, меѓу кои е и Подемос.
Нивните 31 претставник ги придоби со ветувањето дека ќе ја намали работната недела од 40 часа на 37,5 часа без намалување на платите на работниците. Договорен е и план за намалување на невработеноста кај младите, што е долгогодишен проблем во Шпанија. Најавено е и зајакнување на јавното здравје.
Санчез претходно изјави дека овие договори се „единствен начин“ Шпанија да добие нова влада. Тој рече дека договорите ќе овозможат „соживот“ на сите Шпанци во различни делови на земјата.
(Фото: Хавиер Сориано/АФП)







