Европската унија започна истрага против „Мета“, компанијата во чија сопственост се социјалните платформи Фејсбук и Инстаграм, за да утврди дали нејзините производи, односно услуги, предизвикуваат зависност кај децата.
Истрагата е во врска со потенцијално прекршување на Законот за дигитални услуги, во делот кој се однесува на заштитата на малолетниците.
„Постои можност Фејсбук и Инстаграм да ги искористат слабостите и неискуството на малолетниците, предизвикувајќи зависно однесување“, се вели во соопштението на Комисијата со кое се најавува отворање на истрагата.
Меѓу другото, ќе се проверува колку се доверливи инструментите за проверка и потврдување на возраста на корисникот и дали ги задоволуваат напорите на компанијата да обезбеди највисоко ниво на приватност и безбедност на малолетниците.
„Не сме убедени дека ‘Мета’ направи доволно нејзините услуги да ги почитуваат обврските од Законот за елиминирање на ризикот од негативни последици врз физичкото и менталното здравје на младите Европејци на платформите Фејсбук и Инстаграм“, порача во изјавата комесарот Тиери Бретон.
„Нема да штедиме напори да ги заштитиме нашите деца“, додаде Бретон, нагласувајќи дека фокусот ќе биде ставен на две работи, на потенцијалот за предизвикување зависност и на „ефектот на зајачка дупка“ од детското користење на споменатите платформи.
„Ефектот на зајачка дупка“ е кога дете гледа штетна содржина, а потоа платформата му нуди уште повеќе такви содржини.
Технолошкиот гигант во својот одговор на оваа вест наведе дека „цели десет години работи на развој на повеќе од 50 алатки, ресурси и функции со кои се настојува да се заштитат младите“.
„Ова е предизвик со кој се соочува целата наша индустрија, затоа продолжуваме да ги унапредуваме решенијата што секој може да ги користи за да обезбеди прецизна проверка на возраста во сите тинејџерски апликации“, рече портпаролот на „Мета“, порачувајќи дека компанијата „се радува на соработката и споделувањето податоци со Европска комисија”.
Потегот на ЕУ е последен во низата темелни проверки на работењето и деловната етика на технолошкиот гигант.
Унијата усвои опсежен Акт чија цел е да се исчистат онлајн платформите и да се заштитат корисниците на интернет во ЕУ. Не е одреден рок за завршување на истрагата. Меѓутоа, Брисел би можел да ја казни „Мета“ до шест отсто од светската годишна добивка.
(Фото: Мундисима / Алами / Профимедиа)







