Соединетите Држави вчера извршија нови напади врз цели на Хутите во Јемен, изјавија американски официјални лица за Ројтерс.
Изворите, кои сакале да останат анонимни, не открија за кои цели станува збор ниту колку ракети биле лансирани, но американската војска подоцна објави дека биле елиминирани 14 ракети на Хутите подготвени за лансирање.
Јеменската новинска агенција Саба наведува дека американски и британски авиони гаѓале подрачја во окрузите Ходеида, Таиз, Дамар, Ал Баџда и Саада.
Нападите на Хутите, сојузници на Иран, од ноември го забавија поморскиот сообраќај меѓу Азија и Европа.
Тоа движење започна напади врз трговски бродови во знак на протест против израелската офанзива во Појасот Газа.
Американската војска претходно вчера соопшти дека дрон лансиран од територијата контролирана од Хути погодил брод во американска сопственост во Аденскиот залив.
Притоа никој не е повреден, причинета е само помала материјална штета.
Паралелно со тоа, пакистанското Министерство за надворешни работи соопшти дека воздухопловните сили на земјата почнале одмазднички воздушни напади врз Иран денеска рано наутро, наводно насочени кон позиции на милитантите, а во нападот загинале најмалку седум лица, меѓу кои четири жени и три деца, што дополнително ги зголеми тензиите меѓу соседните народи.
Нападот уследи после иранскиот напад во вторникот на пакистанска територија, во кој загинаа две деца во југозападната провинција Балучистан.
Иранските медиуми објавија дека неколку проектили погодиле локација во провинцијата Систан и Балучистан, која граничи со Пакистан, при што загинале три жени и четири деца, од кои ниту едно не е со иранско потекло.
„Неколку терористи беа убиени за време на оваа операција заснована на разузнавачки податоци“, се вели во соопштението на пакистанското министерство, опишувајќи ја како „серија високо координирани и конкретно насочени воени напади против терористичките засолништа“.
„Пакистан целосно го почитува суверенитетот и територијалниот интегритет на Исламската Република Иран“, додаде Министерството за надворешни работи, објаснувајќи дека „единствената цел на денешниот чин беше да се осигура безбедноста и националниот интерес на Пакистан, кој е најважен и не може да биде загрозен.“
Пакистански разузнавачки извор за Ројтерс изјави дека нападите биле извршени со воени авиони.
„Нашите сили извршија напади врз милитантите на Белуџистан во Иран“, изјавил припадникот на разузнавачката служба во пакистанскиот главен град Исламабад.
„Нападнатите милитанти припаѓаат на БЛФ“, додал тој, мислејќи на Ослободителниот фронт на Белуџистан, кој бара независност на таа пакистанска провинција.
Иран во вторникот соопшти дека гаѓал бази на милитантите поврзани со Израел во Пакистан.
Пакистанските власти известуваат дека биле погодени цивили и убиени две деца, предупредувајќи на последиците за кои ќе биде одговорен Техеран.
Исламабад вчера го отповика својот амбасадор од Иран.
Пакистан и Иран имаа лоши односи во минатото, но овие напади се најголемиот прекуграничен упад во последните неколку години.
(Фото: Илустрација – Агенција Анадолија)







