Денеска утрово повеќе од 100 белградски училишта добија дојави за, наводно, поставени бомби, што после неодамнешното масовно убиство во училиштето „Владислав Рибникар“ предизвика нова загриженост во јавноста.
Полицијата врши увид во училиштата, а утринската настава беше прекината.
Дојави се испратени во училишта во приградските населби Котеж, Грочка, Ресник и во Нов Белград, Земун, и на Баново брдо, но и во центарот на градот, јавија белградските медиуми.
Од Третата белградска гимназија, во која исто така стигна порака за бомба, соопштија дека претпладневната смена ќе учи онлајн, а попладневната „согласно со ситуацијата“.
Српското Министерство за внатрешни работи за агенцијата ФоНет потврди дека „во повеќе училишта на територијата на Белград се упатени дојави за поставени бомби“.
Во тек е проверката што ја спроведуваат припадници на антидитерористиќки тимови на полицијата, соопшти Министерството.
Министерството за образование информираше дека пријавите се испратени на е-маил адресите на 78 основни и 37 средни училишта во белградските општини.
Од таму велат дека, поради безбедност на учениците и вработените, наставата во прва смена е прекината до завршување на полицискиот увид, додека некои школи веќе се проверени и во нив наставата се одвива без проблеми.
Извештаите за поставени бомби доаѓаат две недели откако на 3 мај, во основно училиште во Белград, 13-годишен ученик со пиштолот на неговиот татко уби осум соученици и чувар, а рани уште шестмина и еден наставник.
Едно од ранетите девојчиња почина на 15 мај.
Еден ден подоцна, во три села кај Младеновац, 21-годишен маж со автоматско оружје и пиштол уби осум, главно помлади лица, а повреди 14.
Двајцата сторители се уапсени, убиецот од Младеновац го признал делото, а 13-годишен ученик, според законот, не може да биде кривично обвинет.
Уапсени се и татковците на двајцата убијци и им е одреден притвор.
Во Србија од 8 мај во тек е операција за предавање на нелегално оружје, без доказ за потеклото и без кривична одговорност, а до вчера навечер предадени се близу 20.000 парчиња различно оружје, како и околу милион парчиња муниција од различен калибар, а биле предадени и минско-експлозивни направи.
Акцијата на повик на МУП трае до 8 јуни, по што, како што најавија од државниот врв, ќе следат претреси на куќи и станови, со строги парични и затворски казни.
(Фото: Илустрација / АФП)







