Финска е шеста година по ред прогласена за земја со најсреќна популација, покажува Светскиот извештај за среќа објавен денеска.
Извештајот, кој се занимава и со ефектите од кризата предизвикана од корона вирусот врз благосостојбата на луѓето, секоја година го составуваат научници во САД врз основа на анкети на Институтот Галуп.
Според извештајот, по среќните Финци следуваат Данска, Исланд, Израел, Холандија, Шведска, Норвешка, Швајцарија, Луксембург и Нов Зеланд.
Македонија e 87-ма меѓу 137-те држави во новиот извештај „Среќата во светот 2023“ на Обединетите Нации, на последното место е на Балканот и котира меѓу најнесреќните држави во Европа. Полошо се рангирани европски држави од Македонија се само Грузија (90 место), Украина (92) и Турција (106).
Словенија е на 22 место, Италија е 33, Србија 45, Хрватска на 48 место, Унгарија на 51, Црна Гора е на 67, а Босна и Херцеговина е на 71 место место во Светскиот извештај за среќа.
На дното на скалата се претежно африканските земји, а Авганистан и Либан, разурнати од војна, се двете најнесреќни земји во светот, во истражувањето во кое беа опфатени вкупно 137 земји.
Индексот ги мери субјективните чувства на граѓаните, преку визуелната „Скала на Кантрил“, едноставно прашање за тоа колку тие се чувствуваат среќни и зошто.
Научниците рекоа дека проценката на среќата на луѓето остана „извонредно отпорна“ и покрај пандемијата „Ковид-19“, со глобални просеци во 2020 до 2022 година исто толку високи како оние во годините пред пандемијата од 2017 до 2019 година.







