Основното јавно обвинителство Скопје официјално соопшти дека отвори предмет за расветлување на трагичниот настан на планинскиот врв Кајмакчалан, во кој минатиот викенд животот го загубија двајцата македонски планинари Калина Велевска и Александар Миновски, како што пред два дена објави „Макфакс“. Од обвинителството за „Макфакс“ велат дека сè уште го чекаат обдукцискиот наод од Солун, иако пред два дена велеа дека истрагата ќе биде отворена по комплетирање на целата документација која треба да ја добијат од грчките колеги.
Од ОЈО-Скопје соопштија дека е издадена наредба до Секторот за внатрешни работи Скопје – Единица за насилен криминал за да се извршат проверки во Федерацијата на планинарските спортови на Македонија по однос на тоа кој, кога и како ја организирал планинарската експедиција, кои се потребните услови за таква организација и дали тие биле исполнети, како и други околности.
Во исто време, велат од Обвинителството, издадена е наредба да се направат проверки и во планинарското друштво „Трансверзалец“ – Скопје, нивните акти и одлуки врз основа на кои се организираат планинарските експедиции, потребните услови што треба да се исполнат, како и околностите под кои се спроведувало искачувањето на Кајмакчалан.
Исто така, по наредба на надлежниот обвинител треба да бидат обезбедени и листинзите на појдовни и дојдовни повици од мобилните телефони на починатите планинари.
ИЗВОР: МАКФАКС







