Министерството за одбрана уште еднаш ја потврди својата максимална отвореност, но и транспарентност кон граѓаните. И оваа, како и претходните две години, одбраната е лидер во активната транспаранентост, повторно со исполнети 100 % од предвидените критериуми за активна транспарентност според мерењето на Центарот за граѓански комуникации.
Изминативе години процесот на активна транспарентност во „Одбрана“ беше поставен и формално, со носењето на правилникот за транспарентност, кој ги утврди сите информации кои се јавно достапни, воспостави ефикасен процес на ажурирање на податоците и воведе нови правила за лесна достапност на овие информации за сите граѓани.
„Одбраната постави нова веб-страница со линија за транспарентност, која стана наш златен стандард од кој не отстапуваме. За Министерството, останува исклучително важен процесот на информирање во односот на инвестирањето во безбедноста – одбранбениот буџет, јавните набавки и процесот на модернизација. Посветеноста кон активната транспарентност продолжува и во иднина преку постојно следење и имплементирање на сите новини во делот на транспарентноста како основа за целосна информираност на граѓаните за сите процеси во одбраната“, посочуваат од Министерството за одбрана.
Министерството направи исклучителни чекори напред во активната транспарентност, имајќи предвид дека на првото мерење, во 2016-та, го зазеде 45-то место.
За само неколку години, во 2020-та, одбраната се искачи на првото место со 97,9 %, а од 2021 година се први со максимални 100 % исполнетост на критериумите.
Под активна транспарентност се подразбира објавување информации на сопствена иницијатива на институциите, без притоа некој да има доставено до нив барање за пристап до тие информации.







