Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, денеска оствари средба со комесарот за човекови права на Советот на Европа Нилс Мужниекс.
Османи на почетокот на средбата потенцираше дека оваа Влада е фокусирана на имплементацијата на реформите потребни за членство во ЕУ и постигнување на конкретни резултати во сите области, вклучувајќи ја и областа на почитување на човековите права, кои се составен дел на владеењето на правото, но и се важни за напредокот во пристапувањето во ЕУ.
Во оваа насока тој исто така додаде дека Владата посветено работи и на имплементацијата на сите препораки предвидени во различни документи на Советот на Европа, соопшти Кабинетот на вицепремиерот.
„Од самиот почеток оваа Влада работи на две паралелни траектории: Имплементација на реформите од Планот 3-6-9, но и затворање на отворените политички прашања, како што е изградбата на добри односи со соседите, и целосно спроведување на Охридскиот рамковен договор – рече Османи.
Изрази надеж дека ќе се надминат политичките блокади на Собранието, и оти ќе биде усвоен законот за употреба на јазиците, што според него е еден од клучните со кој се регулираат основните човекови права на најголемата етничка заедница, албанската.
Османи додаде дека како дел од Планот 3-6-9+ се спроведуваат мерки за исполнување на препораките на Комитетот против тортура на Советот на Европа како и мерки за подобрување на условите и капацитетите на казнено-поправните установи, спроведување на алтернативни санкции и подобрување на здравствената заштита и безбедност.
Нагласи дека очекува овие мерки значително да ги подобрат условите за работа на овие институции, но и значително да придонесат во заштитата на човековите права.
Вицепремиерот го информирал Мужниекс дека Македонија ги започна преговорите со ЕК за статусниот договор за соработка со ФРОНТЕКС, со цел нејзино финализирање што е можно поскоро и дека е потпишан Меморандум за соработка помеѓу Министерството за внатрешни работи и Министерството за труд и социјална политика со цел да се зајакне спречувањето на трговијата со луѓе.







