До крајот на неделата би требало да бидат готови анализите што ги прави Министерството за економија за можноста да остане летното сметање на времето со цел поголеми заштеди на електричната енергија.
Министерот за економија, Крешник Бектеши, денеска изјави дека во тек се анализите кои треба да покажат дали ќе се премине кон зимското сметање на времето и кој е ќарот од него.
„Анализите се прават и наскоро ќе бидат подготвени по што одлуката треба ќе се донесе до крајот на месецот, согласно законот“, рече Бектеши.
И премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека во моментот не би можел да каже каква одлука ќе се донесе се додека не ги види анализите.
„Ќе видиме дали ќе останеме со ‘летното време’ или, како досега, ќе ја направиме промената. Во моментот, не можам да ви кажам ништо. Повеќе има простор за оставање на летното сметање на времето. Но, да ги видиме сите детални анализи и потоа ќе донесеме одлука“, рече Ковачевски.
Министерството за економија вчера доби задолжение од Владата да ги разгледа можностите околу евентуалното продолжување на примената на летното сметање на времето, со цел дополнителни заштеди во општата потрошувачка на електрична енергија.
Зимското сметање на времето почнува од последниот викенд во октомври со што стрелките на часовникот се поместуваат за еден час поназад.







