Израелската воена кампања во Газа најверојатно е во завршна фаза, тврди дописникот на Би-Би-Си, Пол Адамас, во својата опсежна анализа.
Примирјето, кое беше договорено во рамки на договорот за ослободување на израелските заложници и палестинските затвореници, ќе ја одложи кампањата на ИДФ за четири до девет дена, во зависност од тоа колку заложници Хамас ќе одлучи да ослободи.
По завршувањето на примирјето, израелските експерти очекуваат дека битката за контрола на градот Газа да трае уште седум до 10 дена.
Но, што ќе се случи кога израелската војска ќе го сврти вниманието кон јужниот дел на Појасот Газа, како што силно навести премиерот Бенјамин Нетанјаху, се прашува дописникот на Би-Би-Си за надворешни работи.
Израел вети дека целосно ќе го уништи Хамас на Појасот Газа.
Се верува дека најважните водачи на групата, Јајха Синвар и Мохамед Деиф, се некаде на југ, заедно со илјадници борци и, веројатно, голем број израелски заложници.
Ако Израел одлучи да тргне во воена офанзива на југ, слично на она што веќе го направи на север, дали западната – особено американската – добра волја ќе почне да бледее?
Со оглед на тоа што повеќето од околу 2,2 милиони луѓе во Појасот Газа, колку што се претпоставува дека ги има, сега се набиени во две третини од Појасот на југ, од кои многумина се бездомници и трауматизирани, можно е да дојде до продлабочување на хуманитарната катастрофа.
Една од последните капки што може да ја прелие чашата може да биде глетката на стотиците палестински цивили, збиени во шатори, среде песочните полиња на Ал-Маваси.
Според Агенцијата на ОН за помош на Палестинците, речиси 1,7 милиони луѓе се раселени низ Појасот Газа од 7 октомври.
Повеќето од нив се на југ, живеат во преполни засолништа. Десетици илјади луѓе сместување најдоа во училишта, болници, шатори… Раните зимски дождови веќе предизвикаа поплави, што дополнително ја зголемија бедата.
Веќе неколку недели израелските власти зборуваат за решение, за таканаречена „сигурно подрачје“ во Ал-Маваси, тесен појас со претежно земјоделско земјиште долж брегот на Средоземното Море, во близина на египетската граница.
Минатата недела, во летоци фрлени над блискиот град Кан Јунис, се предупредуваа цивилите за претстојните воздушни напади со препорака да се движат на запад, кон морето.
Во објавата на социјалните мрежи во четвртокот, Авичај Адраи, портпаролот на ИДФ за арапските медиуми, им порача на жителите на Газа дека Ал-Маваси ќе им пружи „соодветни услови за заштита на нивните најблиски“.
Дали е реално да се очекува дека таму ќе се засолнат повеќе од два милиони луѓе додека во близина беснее војна? И колку се „соодветни“ условите во Ал-Маваси?
Иако е тешко да се биде сигурен, подрачјето кое го дефинираше Израел е широко до 2,5 километри (во најширокиот дел), а во должина нешто повеќе од 4 километри.
Мајкл Милштајн, поранешниот советник за палестински прашања на израелскиот координатор за владини активности на териториите, го нарекува „прекрасно и плодно место, но прилично мало“.
Хуманитарните агенции се помалку воодушевени.
„Тоа е мало парче земја. Таму нема ништо. Тоа се само песочни дини и палми“, вели Џулиет Тума, директорка за комуникации во Агенцијата за помош на Палестинците при Обединетите нации.
Секој обид да се сместат стотици илјади раселени луѓе, во подрачје во кое навидум недостасува основна инфраструктура (нема болници), ќе претставува огромен хуманитарен предизвик за ОН, вклучувајќи и поставување засолништа за итни случаи, најверојатно шатори.
Тоа е исто така морален предизвик со длабоко историско наследство – голем дел од населението на Газа потекнува од бегалци кои живееле во шатори откако биле протерани од Израел во 1948 година, предупредува Адамс.
Во Појасот Газа веќе има осум бегалски кампови, кои во текот на неколкуте децении се развија во пренаселени градови.
ОН не сакаат да бидат одговорни за поставување на уште еден камп.
Израелските власти порачуваат дека хуманитарните агенции ќе обезбедат помошта да стигне до Ал-Маваси од преминот Рафа, одалечен повеќе од 10 километри.Не кажаа како тоа ќе функционира во пракса.
Наводно, американските власти, се обидуваат да преговараат со Израел за дополнителни безбедни зони, а веројатно разговараат и за Даханија, на крајниот јужен дел во Појасот Газа.
Според одредбите од договорот за ослободување на заложниците, кој стапи на сила во петокот, Израел, исто така, треба да дозволи премин на 200 камиони со помош во Газа секој ден, многу повеќе отколку во последните недели.
Според изјавите на челниците на 18 агенции и невладини организации при ОН, кои се вклучени во давањето помош за палестинските цивили, објавено на 16 ноември, се чини дека тие целосно ги отфрлиле израелските планови.
„Нема да учествуваме во воспоставување на каква било ‘сигурна зона’ во Газа што ќе биде формирана без договор на сите страни“, се вели во соопштението.
Претставници на ОН велат дека страните ги вклучуваат Израел, Хамас и Палестинската самоуправа со седиште на Западниот Брег.
Без споменување на Ал-Маваси поименично, во изјавата од 16 ноември се предупредува дека едностраните предлози на Израел може да доведат во опасност многу животи.
Еден од потписниците, д-р Тедрос Гебрејесус, генерален директор на Светската здравствена организација, смета дека плановите се „рецепт за катастрофа“.
„Обидот толку многу луѓе да се натрупаат во толку мало подрачје со толку мала инфраструктура или услуги значително ќе ги зголеми ризиците по здравјето на луѓето кои се веќе на работ“, порача тој.
Израелските власти велат дека Хамас е виновен и се чини дека опасностите не ги загрижуваат, порачува дописникот на Би-Би-Си.
Ал-Маваси, велат властите, е единствената област која израелските сили ветија дека нема да ја напаѓаат.
„Ќе биде страшно. Но, тие ќе преживеат“, вели потполковник Ричард Хехт, портпарол на ИДФ.
За Израел тоа е прашање на воена потреба.
Како што Хамас беше сместен во градот Газа, пишува тој, така и борците и инфраструктурата на групата постојат во Кан Јунис и во Рафах.
Тргањето на страна на цивилното население пред напад, тврдат Израелците, е хуман начин да се пристапи кон операцијата за уништување на Хамас.
„На луѓето во Израел не им се допаѓа ситуацијата кога луѓето во Газа се некаде во Ал-Маваси, пред претстојната зима. Но, која е алтернативата? Ако некој има идеја како да се уништи Хамас без тоа, кажете ни“, рече пензионираниот генерал-мајор Јаков Амидрор, поранешен израелски советник за национална безбедност.
Изгледите декз многу цивили и понатаму ќе страдаат во пренатрупани засолништа и со зимски температури сигурно ќе ја зголемат меѓународната вознемиреност заради израелската воена кампања во Газа.
„Спроведување на нова голема копнена операција во тоа подрачје ќе донесе нови жртви и раселување на цивили од размери што ќе се заканат да ја поткопаат меѓународната симпатија кон Израел. Прашањето е колку долго ќе трае трпението на Западот“, изјави западен претставник за Би-Би-Си, којшто сакал да остане анонимен.
Владата на Нетанјаху знае дека може да смета на невидено големи резерви на добра волја од Западот, по ужасот што го направи Хамас на 7 октомври.
Но, израелските власти исто така знаат дека тие резерви нема да траат бескрајно и дека меѓународните повици за воздржаност веројатно ќе станат погласни кога ќе заврши примирјето за заложниците и кога Израел ќе ја продолжи својата воена кампања.
„Се надевам дека меѓународниот притисок, по завршувањето на примирјето, нема да го спречи тоа“, рече д-р Ејал Хулата, кој беше на чело на Советот за национална безбедност на Израел од 2021 до 2023 година.
„Се надевам дека владата на премиерот Нетанјаху нема да потклекне под притисокот. Тоа е она што народот на Израел го очекува од своите лидери.“
Со оглед на тоа дека зимата се ближи, Израел се подготвува за одлучувачката следна фаза од својата кампања, а нема договор за тоа како да постапи со цивилното население. Долгата агонија на Газа изгледа ќе продолжи. Можеби дури и ќе се влоши.
(Фото: Џил Кохен/АФП)







