Во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска ќе бидат потпишани првите договори од ИПАРД 2 Програмата.
Договори ќе потпишат 13 земјоделци.
Во наредните денови ќе бидат потпишани вкупно 692 договора за набавка на трактори, вредни 5,8 милиони евра.
Најголем дел од средствата се за набавка на трактори, но земјоделците покажале интерес и за приклучна механизација мотокултиватори, ѓубре растурачи, прскалки, системи капка по капка, линии за транспорт на храна…
Повеќето од апликациите се од Пелагонискиот, а најмалку има од Полошкиот регион.
„Ова е рекорден број на корисници на средства од постоењето на ИПАРД Програмата. Со оваа поддршка ќе се унапреди состојбата на фармите и земјоделските стопанства, а тоа ќе значи поголема конкурентност“, истакна министерот земјоделство Љупчо Николовски пред доделувањето на договорите и апелираше до сите што имаат потреба од унапредување на капацитетите, фармите или сакаат да го олеснат процесот на работа на нивите, да поднесат барања за добивање средства преку ИПАРД 2.
Целта на европската помош е да ја поддржи Македонија во пристапот кон ЕУ и да го подобри животот на граѓаните.
Од вкупно проектираните 5,8 милиони евра за што ќе се потпишат договори, 4,3 милиони се европски пари, а 1,4 милиони средства од буџетот на државата.







