Лидерите на 28 земји членки на Европската унија ќе се состанат денеска во Брисел за да договорат нови мерки со кои ќе се ограничи доаѓањето на мигранти преку Средоземното море, додека, како што оценуваат германски медиумите, растечкото незадоволство заради емиграцијата ги притиска владите од Германија до Италија.
Германската канцеларка Ангела Меркел очекува дека дводневниот самит ќе ја спаси нејзината канцеларска позиција разнишана поради мигрантската криза.
Грчкиот премиер Алексис Ципрас е подготвен да потпише договор со Меркел со цел да и се олесни на Германија враќањето на азилантите во други европски земји, пишува „Фајненшел тајмс“.
Ципрас за „Фајненшел тајмс“ изјави дека е отворен за специјална спогодба со Берлин за да се намали „секундарното движење“ (кога азилантот од земјата на ЕУ во која прво пристигнал за да бара азил, заминува во друга земја од Унијата).
Според Ципрас, постоечките правила на ЕУ за прераспределба на азилантите меѓу земјите членки на Унијата се „надминати“.
Европската уница, според нацрт соопштението од дводневниот самит, ќе ги засили своите надворешни граници и ќе потпише спогодби со кои ќе се зголемат паричните издвојувања за земјите од Северна Африка за да се спречи доаѓањето на луѓе од таму во Европа, пишува Ројтерс.
Лидерите во Европа длабоко се поделени во врска со прашањето што да се стори со легитимните азиланти кои побегнале од конфликти на Блискиот исток и Африка. Тоа прашање земјите членки на Унијата ги разделува веќе три години и сеуште нема знаци дека ќе се реши.
Разликите особено се истакнуваа последните денови, што покажува дека ќе има жестоки расправи зад затворени врати, оценува британската агенција, додавајчи дека лидерите на ЕУ во јавноста настојуваат да покажат единство.
Според податоците на Обединетите нации, оваа година имало 44.000 преминувања преку море, што е многу помалку отколку во 2015 година кога повеќе од еден милион бегалци и мигранти стигнаа на европскиот брег.







