Германските машиновозачи утрово повторно го прекинаа железничкиот сообраќај барајќи пократко работно време и повисоки плати и започнаа шестдневен штрајк кој може да чини и до 100 милиони евра дневно.
Конфликтот меѓу Deutsche Bahn (Deutsche Bahn, DB) и Синдикатот на машиновозачите (GDL) ќе го запре патничкиот сообраќај од денеска до понеделник навечер.
Тоа би требало да биде најдолгиот штрајк во историјата на германските железници.
Синдикатот три дена прекина со работа на почетокот на јануари, додека минатата година двапати прекина со работа по 24 часа, пишува Асошиетед прес.
Како и во претходните штрајкови, околу 80 отсто од меѓуградските возови повеќе не сообраќаат, регионалните услуги се исто така значително ограничени, а има и ограничувања на товарниот превоз, наведува ДБ.
„Ќе биде засегнат и европскиот товарен сообраќај преку Алпите, Полска или Скандинавија, како и поморските пристаништа во Холандија или Белгија“, соопшти германскиот железнички оператор.
Уште пред почетокот на штрајкот е забележан значителен пад на обемот на товарот бидејќи многу клиенти ги откажале пратките, објави германската новинска агенција dpa.
Покрај зголемувањето на платите, синдикатот бара да се намали работното време од 38 на 35 часа неделно без намалување на платите, барање што ДБ го одбива. ДБ денеска повторно ги отфрли предлозите на синдикатот како основа за понатамошни преговори, нарекувајќи ги „повторување на познатите максимални барања“.
Бидејќи разговорите се во застој, германскиот министер за транспорт рече дека владата не ја исклучува арбитражата меѓу GDL и Deutsche Bahn.
Последиците од штрајкот ќе ги почувствуваат и соседните земји, имајќи предвид дека дури 60 отсто од вкупниот товарен сообраќај на Германските железници се транспортира низ Европа, пишува Дојче веле.
Шест од вкупно единаесет европски железнички коридори за превоз на стока минуваат низ Германија, соопшти Министерството за транспорт. „Германија е логистичкото срце на Европа“, посочува Томас Пулс од Институтот за германска економија (IW).







