Слободан Праљак, хрватскиот генерал обвинет за воени злосторства кој што се уби во судница во Хашкиот суд, погребан е во четвртокот на загребските гробишта Мирогој, во кругот на семејството и најблиските пријатели.
Телото после обдукцијата во Хаг е пренесено во Загреб под посебни мерки, а терминот на испраќање не е објавен на службената интернет страница на Градските гробишта.
Јавното испраќање на Слободан Праљак ќе биде на комеморацијата во Концертната сала Ватрослав Лисински, во понеделник во 12 часот, на која се повикани сите кои сакаат да му оддадат почит на генералот.
„Вечерњи лист“ наведува дека на погребот биле само неколку членови од семејството и пријатели, оние чии имиња Праљак ги навел во прошталното писмо.
На собирот што го организира Хрватскиот генералски збор нема да има транспаренти ниту „чудни“ знамиња, според директивата на генералот Миљавац, дознава „Вечерњи“.







