Шест полицајци се повредени, од кои четворица завршиле во болница, во текот на протестите во Лондон, организирани поради смртта на едно момче црнец за што демонстрантите ја обвинуваат полицијата.
Во градскиот кварт Форест гејт, во источниот дел на Лондон, првично мирниот протест вчеравечер излезе од контрола, па демонстрантите почнаа да фрлаат предмети на полицајците и запалиле оган, пренесуваат британските медиуми.
Еден полицаец се здобил со повреди на лицето, а една полицајка здобила повреди на главата. Четири лица се уапсени поради сторени прекршоци во кои спаѓаат предизвикување на немири, подметнување пожар и нанесување на штета.
Насобраните бараа правда за Едиро Фредерико да Коста (25) кој го загуби животот на 21 јуни. Демонстрантите тврдат дека тој бил брутално претепан на 15 јуни откако неговиот автомобил, во кој биле уште две лица, го запрела полицијата во Њухем, на истокот на британската престолнина. Како што велат, затоа што му бил скршен вратот и нанесени повреди на главата, Да Коста бил сместен во болница каде што шест дена се борел за живот.
Комисијата за жалби, меѓутоа, оценила дека тој немал скршен врат ниту каква било друга повреда на р’бетниот столб, како и дека немал крварење во мозокот.







