Официјална Москва е подготвена да разговара за евроазиските безбедносни прашања со Шангајската организација за соработка (ШСО) предводена од Русија и Кина, Заедницата на независни држави (ЗНД) и Евроазискиот економски сојуз (ЕАЕУ), како и со земјите од БРИКС (Бразил, Русија , Индија, Кина, Јужна Африка, Иран, Египет, Етиопија и Обединетите Арапски Емирати), изјави рускиот претседател Владимир Путин после неговата посета на Северна Кореја на 18 јуни.
А таа најнова реторика на рускиот претседател за евроазиска безбедносна коалиција е дел од планот за создавање група земји пријатели на Москва кои ќе се спротивстават на Западот и на НАТО, сметаат од Институтот за проучување на војната, пренесува „Њусвик“.
Путин зборуваше за неговите планови да „создавање еднаква и неделлива безбедност во Евроазија“, а ова доаѓа по коментарите на неговиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, кој на состанокот на министрите за надворешни работи во Алмати, Казахстан, зборуваше за руските напори да се формира „евроазиска безбедносна архитектура“ која би го заменила евроатлантскиот безбедносен систем.
Од Институтот за проучување на војната наведуваат дека Лавров веројатно мислел на напорите на Москва да ја зголеми соработката со Сојузот на држави од Југоисточна Азија (АСЕАН) после државната посета на Путин на Виетнам, што тој заедно со Северна Кореја го вклучи во својата идеја за Евроазија.
Путин и неговите функционери, се чини, прават максимални напори да ја создадат оваа коалиција „со цел да се позиционираат како алтернатива на НАТО“, а во исто време се обидуваат „лажно да ги прикажат западните земји како единствени поддржувачи на Украина“, тврдат од Институтот, од каде се убедени дека „оваа алтернатива на Западот сака да го поткопа НАТО“.
Да потсетиме, при првата посета на Путин на Северна Кореја по речиси четвртина век, овие две земји се договорија за заеднички одбранбен пакт. Москва, исто така, се повеќе се свртува кон Северна Кореја за муниција, за да им помогне на руските сили кои водат војна во Украина.
„Новото партнерство го продлабочи веќе интензивираниот однос на погодности“, изјави Габриела Реид, помошничка на директорот во фирмата за стратешко разузнавање „С-РМ“, за „Њусвик“.
Меѓутоа, Реид нагласува и дека тоа е само привидно растечки сојуз, од нужда.
„Кина, исто така, се држи настрана од договорот затоа што сака да ја избегне очигледната штета што би и била нанесена на соработката со западните трговски партнери или да му даде на договорот непотребен фокус како да станува збор за тројна спогодба“, објаснува Реид.







