Потребна e зрелост од сите политички субјекти, институции, вработени и поединци, според законските обврски, личната одговорност и согласно државните интереси, да се овозможи формирање нова влада, соопшти денеска СДСМ.
Според партијата, новата влада, исто како и новиот собраниски претседател, ќе биде избрана согласно Уставот, Деловникот и законите на Македонија.
„Писмото од новиот собраниски претседател Талат Џафери до Ѓорге Иванов е обврска за Иванов да ги стави на страна личните интереси за бегство од правдата на Никола Груевски и да постапи според уставната обврска кон граѓаните на Република Македонија“, се вели во соопштението.
Во него се додава дека пораките од Брисел по посетата на Џафери се јасни, легитимно е избран и признаен новиот собраниски претседател, се чека во брзо време изборот на новата реформска Влада. СДСМ најавува дека следува реафирмација на владината програма што ја штити унитарноста на државата и обезбедува правда и живот за сите граѓани.
Секое попречување на трансферот на власта и секое незаконско делување, информираат социјалдемократите, е казниво според постоечките закони.







