„Да не беа блокирани демократските процеси за формирање нова реформска Влада од Ѓорге Иванов и Никола Груевски, овој викенд граѓаните ќе имаа цел ден евтина викенд тарифа на струјата, и во сабота, и денеска, во недела“, се наведува во соопштението од СДСМ
Дневна евтина тарифа на струјата, наведуваат од партијата, ќе има и секој работен ден, по два часа.
„Граѓаните ќе можеа да ја контролираат потрошувачката на струја во рамки на евтината тарифа и на тој начин ќе заштедеа на сметките што ги плаќаат за струја“, напоменуваат социјалдемократите.
Интерес на граѓаните, велат од таму, е да имаат намалени трошоци за живот и од тие причини неопходно е итно и брзо да се овозможи формирање и работа на новата реформска Влада.
„Новата Влада ќе ги насочи парите од Буџетот на Македонија кон граѓаните и кон фирмите со цел да се раздвижи економијата, да се зголемат платите и бројот на новите работни места и тоа ќе значи зголемување и на квалитетот на живот на граѓаните“, се истакнува во соопштението од СДСМ.
Уште една од мерките за повеќе пари во семејствата, што е дел од програмата на новата влада, е враќање на 15% од данокот на додадена вредност што граѓаните го плаќаат во потрошувачките сметки.
Секој граѓанин ќе добие своја картичка на којашто ќе може да го евидентира повратот на 15% од ДДВ при секое ново пазарење во продавница.
„Државата ќе им помогне прво на најзагрзоените. Семејствата со најнизок доход ќе бидат ослободени од плаќање на јавните услуги, а еднородителските семејства со пониска плата од просечната нема да плаќаат такса, јавен превоз, општински комунални давачки, надомест во градинка и основно училиште“, стои на крајот на партиското соопштение на СДСМ.







