На Инфективната клиника се хоспитализирани седуммина заболени од заразната болест од која починаа две лица, а другите се во стабилна состојба. Телото на еден од двајцата починати пациенти е дадено на обдукција, чии резултати попладне треба да ги разјаснат дилемите.
Министерот за здравство Арбен Таравари вели дека анализи за причините за смртта се прават во Тирана, Приштина и во Скопје.
Доколку се совпаднат резултатите, нема да се бараат дополнителни анализи во лаборатории на други земји.
Засега нема информација за каква болест станува збор иако неофицијално сомнежите укажуваат на хеморагична треска.
Лекарите нагласија дека болеста брзо се ширела, ја напаѓала функцијата на повеќе органи, како црниот дроб и бубрезите.
Се претпоставува дека болеста се пренесува преку вектори, како инсекти и глодачи кои го заразуваат добитокот, а преку изметот се заразуваат и луѓето, додека степенот на пренесување од човек на човек е многу низок.
„Екипите вчера не успеаја да се качат до бачилото, бидејќи е на непристапен терен.
„Денес обезбедивме теренско возило. Нашите екипи се на терен. Комисијата за заразни болести заседава постојано. Се надевам дека до крајот на денот, најдоцна до утре јавноста ќе добие конкретна информација за сите настани со дефинирани резултати за причинителите – рече заменик-министерот за здравство Гоце Чакаровски.
Директорот на Инфективната клиника и претседател на Комисијата за заразни болести, Звонко Миленковиќ вчера соопшти дека починатите биле татко и син, на возраст од 50 и 24 години, од гостиварското селото Симница.







