Официјален Пекинг бара од американскиот претседател Доналд Трамп да стави вето на законот со кој се поддржуваат човековите права во Хонгконг, кој го усвои Сенатот на Соединетите Американски Држави.
Во крвавиот судир меѓу граѓаните на Хонгконг и кинеската матица, со овој закон Вашингтон им пружа поддршка на демонстрантите против Пекинг.
Кина повтори дека, ако законот стапи на сила, „ќе превземе силни контрамерки“.
Предлогот на овој закон претходно помина вториот, Претставничкиот дом на Конгресот, па сега претстои усогласување и проследување на Трамп на потпис.
Белата куќа претходно најави дека Трамп ќе го парафира документот.
Законот предвидува дека САД секоја година го потврдуваат високиот степен на автономија на Хонгконг кој ќе го оправда неговиот посебен трговски статус. Меѓутоа, пропишува и санкции за кинеските и хонгкошките официјални лица, ако ја загушуваат слободата на таа територија.
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Генг Шуанг оценува дека „хонгкошкиот закон за човекови права и демократија ги подрива интересите на Кина, како и интересите на САД во таа полуавтономна територија“.
„Баравме од САД да ја сфати состојбата и да го запре своето погрешно однесување пред да биде предоцна, да спречи овој законски акт да стане закон и веднаш да го запре мешањето во внатрешните работи на Хонгконг и Кина“, рече Генг на конференцијата за новинари.
Мала група демонстранти и денеска беше забаракадирана во кампусот на хонгкошкиот Политехнички универзитет. Не се знае во точно колкав број се, но најмалку дваесет лица од нив денеска го напуштија утврдувањето и и се предадоа на полицијата.







