Доцна синоќа со 65 гласа „ЗА“ Собранието ги избра четирите нови министри во владата. Кренар Лога е министер за правда, Фатмир Меџити за здравство, Азир Алиу за информатичко општество и администрација и Каја Шукова е министерка за животна средина и просторно планирање.
Лога доаѓа на местото на Никола Тупанчевски, Меџити на местото на Беким Сали, а Алиу на местото на Адмирим Алити. Шукова, пак, ќе го замени Насер Нуредини.
Лога, Меџити и Алиу се од Алијанса за Албанците, а Шукова е од Социјадемократскиот сојуз на Македонија.
Реконструкцијата на Владата доаѓа откако во владеачкото мнозинство влезе и Алијанса што беше причина претходниот партнер, партијата Алтернатива, да замине во опозиција.
Од 114 присутни пратеници, за Шукова, Лога и Меџити гласаа 65, додека за Алиу гласаа 64 пратеници.
Министрите по гласањето дадоа свечена изјава.
Седницата продолжува утре во 14 часот со точка за именување на нивни заменици.
Предлози за заменик-министри се: Тирон Јајага за одбрана; Вјолца Бериша за земјоделство; Викторија Аврамовска-Мандиќ за правда и Маја Манолева за здравство.







