Лилјана Спасевска е назначена за вршителка на должноста јавна обвинителка на Република Македонија, на местото на Марко Зврлевски, кого Собранието на 17-ти овој месец го разреши од должноста.
Одлуката е донесена на вчерашната седница на Советот на јавни обвинители, а Спасевска ќе ја извршува должноста до изборот на нов јавен обвинител на Република Македонија.
Владата му предложи на Собранието да ја почне постапката за избор на нов државен јавен обвинител. Рокот за пријавување на кандидатите е 15 дена од објавување на огласот во „Службен весник“.
Советот на јавни обвинители, пак, има рок од 15 дена од денот на прием на документите да даде позитивно или негативно мислење за сите пријавени кандидати.
Потоа постапката продолжува во Владата, која на седница ги разгледува кандидатурите, вклучувајќи го и мислењето од Советот на јавни обвинители и треба да донесе одлука за еден од кандидатите за кој претходно постои позитивно мислење од советот.
Потоа одлуката оди во Собранието како предлог-решение, а истовремено се доставува и мислењето на Советот на јавни обвинители. За именување јавен обвинител Собранието одлучува со просто мнозинство од 61 глас.
Мандатот на државниот јавен обвинител е шест години со право на повторно именување.
Истовремено, претседателот на Советот на јавните обвинители, Петар Аневски, вчера поднесе оставка од функцијата, поради, како што изјави, лични и семејни причини. Аневски се повлекува од претседателската функција, но и понатаму останува член на советот.
„Членовите на советот ќе одлучуваат по мојата оставка в четврток. Дали ќе ја прифатат или не, тоа е нивна одлука.
Без разлика на оставката, и понатаму останувам на функцијата член на Советот на јавни обвинители бидејќи сум избран од ОЈО-Битола и ќе продолжам со таа функција од први септември ако биде прифатена мојата оставка.
Мојата функција изминува во 2020 година и имам уште три години да ја вршам функцијата член на Советот на јавни обвинители -рече Аневски.
Петар Аневски беше избран за претседател на Советот на јавни обвинители на 30 јуни 2014 година.







