Во Србија до 2 август поради африканска свинска чума убиени се дваесет илјади свињи, а потврдени се уште 1.637 случаи, од кои 979 умреле.
„Африканска чума е регистрирана кај повеќе од 1.100 одгледувачи на територијата на 32 општини во 13 административни области. Вкупно 19.742 свињи од заразените фарми за размножување се еутанизирани“, соопшти српското Министерство за земјоделство.
Потврдени се случаи во Пчињскиот регион, во Браничевскиот, Поморавскиот, Подунавскиот, Моравичкиот, Јужнобанатскиот, Борскиот, Среднобанатскиот, Заечарскиот, Сремскиот, Шумадискиот и во Јужнобачкиот регион и на пошироката територија на Белград.
Надзор бил извршен над 319.798 свињи.
Секретарот на Здружението на сточари при Стопанската комора на Србија, ветеринарот Ненад Будимовиќ, за РТС изјави дека фармерите се добро запознаени со симптомите на болеста, но дека е важно и да знаат како да се спречи нејзиното ширење.
Тој предупреди дека претстои период кога прашање е што ќе биде со цената на свинското месо и со бројот на свињи.
„Цената на свинското месо се зголеми од 2,3 на околу 3,3 евра за килограм“, додаде Будимовиќ.
Патем, посочи дека Србија веќе не произведува доволно свинско месо за сопствени потреби и дека домашното производство задоволува околу 87 отсто од потребите на пазарот.
(Фото: Илустрација / „Нова Македонија“)







