Владата на денешната седница го усвои Предлогот на Министерството за транспорт и врски за измени и дополнувања на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, со што се дава нова можност за легализација на дивоградбите.
Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески на прес-конференција во Владата информира дека Министерството за транспорт и врски по извршената теренска анализа и непосреден контакт со засегнатите странки утврди дека во Република Македонија досега процентот на легализирани дивоградби е на ниво околу 40 или околу 186.000 објекти кои се легализирани и запшани во катастарот.
Сугаревски посочи дека од податоците со кои располага Министерството за транспорт и врски и единиците на локалната самоуправа, констатирале дека во најголем број случаи заради обемна и сложена административна постапка граѓаните не успеале во предвидениот рок да го остварат своето право.
„Тргнувајќи од принципот дека легализацијата на дивоградбите мора да биде достапна до сите категории на граѓани на кои овој проект им е неопходен за конечно да си го остварат своето уставно право на сопственост и при тоа државата да води сметка од ниту еден аспект да не го загрози социјалниот аспект на живеење- рече Сугарески.
Владата денеска одлучи, посочи Сугарески, да воведе нови рокови со кои на засегнатите граѓани ќе им овозможи дополнително време и тоа: прво, нови 12 месеци сметано од 1 јануари до 31 декември 2018 година за сите граѓани кои претходно не успеале да поднесат барање за легализација и сега тоа свое право да можат да го остварат во овој дополнителен рок.
„Второ, нови шест месеци сметано од 1 јануари до 30 јуни 2018 година за сите граѓани кои за претходните барања не ја обезбедиле неопходната документација да стекнат право во овој дополнителен рок да поднесат нови барања за легализација со комплетна документација- истакна Сугарески.
Потенцира дека услов за легализација на објектот е истиот да бил изграден заклучно со 3 март 2011 година. Појасни дека и натаму остануваат истите неопходни документи за аплицирање како и претходно.
Дополнително, рече Сугарески, за да нема никакви компликации за сите претходни предмети кои имаат некомплетна документација единиците на локалната самоуправа преземаат обврска во најкус рок да ги известат сите засегнати странки дека нивните претходни барања се невалидни, за истите да можат да го искористат новиот рок од шест месеци да поднесат ново барање со целосна документација.
„Сметаме дека со тоа што предвидовме овие рокови да започнуваат да течат од 1 јануари 2018 година оставаме доволно време на сите општини во Република Македонија, како и ние во Министерството за транспорт и врски, заедно да ги извршиме сите неопходни подготовки за да ги ставиме во функција сите расположливи капацитети за да можеме сите нови барања за легализација на дивоградбите да ги завршиме во предвидените рокови- посочи Сугарески.
Тој ги повика сите пратенички групи во Собранието на Република Македонија да ги прифатат овие законски измени кои се исклучиво во интерес на граѓаните на Република Македонија.







