„Во името на Демократскиот сојуз ќе побарам прва точка на средбата да биде да упатиме силна заедничка порака до Бугарија да ги признаат Македонците како национална припадност и тие да можат да ги остваруваат сите свои права, да се здружуваат, да формираат клубови, а и политички партии. Тоа значи да имаат асоцијации преку кои ќе можат да ги негуваат своите културни, историски, јазични и други обележја што ја карактеризираат една нација“, изјави пред денешната лидерска средба Павле Трајанов.
Тој, рече, ќе бара политички консензус од сите политички партии затоа што досега никој од државно–политичкиот врв не го покренувал ова прашање, ниту претседателот на државата, ниту претседателот на Владата, уште помалку министерот за надворешни работи.
Трајанов истакна дека нема ништо против тоа Бугарите да бидат дел од Уставот, но само на реципрочна основа, односно „само ако бидат признаени Македонците како национално малцинство и да бидат признаени нивните права на самоорганизирање“.
Патем, лидерот на ДС, на средбата ќе побарал и предвремени избори или пред избори да биде формирана влада на широка коалиција, една изборна единица, а и вклучување на креативни кадри во процесот на скриниг, за, како што посочи, да создадеме основни предуслови и претпоставки за формално почнување на преговорите со ЕУ. Исто така ќе го отворел и прашањето околу функционирањето на системот во државата бидејќи имало огромно разочарување кај граѓаните дека не функционирале институциите, ниту на централно ниту на локално ниво.







