Тројца „интегративци“ во новиот владин кабинет се сомничат дека извршиле криминални дела. Тоа се идните министри Рамиз Мерко, Бујар Османи и Садула Дураку, објави телевизија Алсат М.
Поранешниот градоначалник на Струга, Рамиз Мерко, е под истрага на Основното јавно обвинителство. Се сомничи за злоупотреба на постапка при јавен повик.
Некогашниот портпарол и екс министер за здравство од редовите на ДУИ, Бујар Османи, е осомничен за нелегални набавки во времето кога тој беше министер за здравство. Сомнежите се за проектот за реконструкција на Државна болница во износ од 400 илјади евра. Аферата беше објавена во „бомбите“ на СДСМ.
Од извори во СЈО, Алсат М дознава дека за овој случај е отворена предистражна постапка уште од пред една година.
Поранешниот министер за земјоделство и градоначалник на Липково, Садула Дураку, се дознава дека се уште не го исчистил досието за извештајот на Државниот ревизор, каде било констатирано дека за време на неговото раководење со Министерството за земјоделство, фалеле милиони евра.
Дураку, исто така, се спомнува и во судските рочишта за случајот „Куманово“.
Се шпекулира дека тој со наредба од Али Ахмети е испратен за преговори со „Кумановската група“, за дознавање на нивните мотиви.







