Претседателката на ЕК го изјави ова денеска за време на својот годишен говор за состојбата на Унијата во Европскиот парламент во Стразбур, од каде што порача дека ЕУ сака итно да ги редефинира и да ги подигне на највисоко можно ниво односите со Канада.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ја повика Канада да стане првата придружна членка на Европската Унија. Таа ова го изјави денеска за време на својот годишен говор за состојбата на Унијата во Европскиот парламент во Стразбур, од каде што порача дека Европската Унија сака итно да ги редефинира и да ги подигне на највисоко можно ниво односите со Канада.
„Би сакала да соработувам со Вас за на Канада да ѝ ја отвориме вратата да стане првата придружна членка на ЕУ. Веруваме дека моќта не им припаѓа на најсилните, најбогатите или најгласните, туку на сите нам. Дека демократиите имаат слобода да изберат со кого ќе соработуваат“рече Фон дер Лајен обраќајќи му се на канадскиот премиер Марк Карни за време на својот годишен говор.
Партнерството со Канада, додаде претседателката на ЕК, не би било насочено против никого, туку би претставувало подигнување на меѓусебните односи на највисоко можно ниво. Во проширеното партнерство со Канада, додава таа, би биле опфатени напредното производство, технологијата, одбранбеното производство, енергетиката, критичните суровини, вештачката интелигенција, кибербезбедноста и економската безбедност.
Канадскиот премиер Марк Карни пред неколку дена изјави дека Канада бара „единствен сојуз“ со Европската Унија, но не и членство во блокот. Ова доаѓа за време на ескалирачка трговска војна помеѓу Канада и САД во последните неколку недели, откако трговските преговори меѓу двете земји пропаднаа кон крајот на август.




