Полицијата во Хамбург го прекина концертот на кој присуствуваа околу 800 луѓе, кој се одржа во спротивност на здравствените упатства за спречување на ширење на корона вирус. При интервенција имало изолирани инциденти.
„Луѓето не ја почитуваа мерката за физичко растојание на концертот на кој настапуваше бендот“, изјави полицискиот портпарол.
Полицијата стапила во контакт со организаторот на концертот кој синоќа бил прекинат.
Концертот се одржуваше во време на се поголема загриженост во Германија заради ширењето на Ковид-19, посебно на новата и позаразна варијанта „омикрон“.
Сите сојузни држави во Германија имаат регистрирано случаи со „омикрон“, иако низ целата земја повеќето инфекции сè уште се предизвикани од „делта“ варијантата.
Нови правила стапуваат на сила веднаш по Божиќ, бидејќи здравствените власти се обидуваат да спречат понатамошен бран на инфекции.
(Фото: ЕПА)







