Премиерот Зоран Заев се сретна со амбасадорот на Данска, акредитиран за Македонија, Андрес Кристиан Хоугард.
Како што се наведува во владиното соопштение, Хоугард пренел задоволство од Данска за тоа како е поставена Македонија во процесите што водат кон отворање на преговорите со ЕУ и кон членство на нашата држава во НАТО.
Заев се заблагодарил за пријателската и принципиелна поддршка од Данска во важните моменти за Република Македонија.
„Мнозинството граѓани ја сфаќаат личната одговорност што ја имаат за иднината на своите деца и за стабилноста на државата со членството на Македонија во ЕУ и во НАТО и јас очекувам успешен референдум.
„Мотивирани сме како граѓани и како Влада од вреднувањето на нашите реформски напори, како и од потврдените, обновените и зацврстените пријателства со земјите од регионот и од меѓународната заедница. Очекуваме евро-атланските интеграции да донесат и економски напредок од што бенефит ќе почувствува секој граѓанин“, рекол премиерот.
На средбата како важно било посочено и решавањето на билатералните прашања низ меѓусебно почитување на државите, каков што е случајот со Македонија, којашто на таков начин, како што констатирале соговорниците, ги затвори сите прашања со соседите и со тоа отвори пат кон ЕУ и НАТО.







