Германската политичка десница во последните неколку недели бележи константен политички раст, а дека ситуацијата за остатокот од политичката сцена се загрижувачки, доказ се последните локални избори во Цонеберг.
Имено, на локалните избори победата за прв пат на тие простори ја однесе кандидатот на десничарската АФД, Роберт Шеселман, кој го победи противкандидатот од редовите на ЦДУ, Јирген Копер.
Според официјалните резултати, Шеселман освоил 52,8 отсто од гласовите, додека неговиот противкандидат ја задржал поддршката на 47,2 отсто од жителите на овој дел од областа Тирингија, во централна Германија.

Победата на десничарите ги загрижи другите политички опции во Германија, но и бројните медиуми кои посебно внимание му посветија на ова прашање.
„Незадоволството од сојузната политика на ‘Семафор коалицијата’ го овозможи овој резултат. Сите ние имаме одговорност да ги вратиме луѓето кои не припаѓаат на цврстата десница, крилото на екстремистичкото јадро на АФД“, рече генералниот секретар на ЦДУ, Марио Чаја.
Причина за загриженост имаа и во Ди Линке, чиј потпретседател исто така работата на сојузната влада ја означи како главен виновник за победата на десницата на локално ниво.
„Во земјата се случуваат огромни потреси. Од една страна, ова е заради дигитализацијата, а од друга страна, заради неопходните барања за заштита на климата. Затоа луѓето бараа сигурност“, рече Мартин Ширдеван.
Иако АФД е на политичката сцена повеќе од 10 години, партиите во Германија сè уште не најдоа начин да ја направат оваа десничарска опција маргинална политичка партија.
„Ниту после 10 години, сојузните политичари сè уште не најдоа начин да ископаат дупка за АФД. Напротив, партијата одамна не стоела толку добро во анкетите како сега. Претходниот концепт на заштитен ѕид заради тоа може да се смета за неуспех. Да се спротивстиме заедно на АФД и не му дадеме ниту еден метар простор, на прв поглед звучи како добра идеја. Меѓутоа, тоа функционира само ако никој не го прифати стилот, јазикот и политичките барања на АФД“, пишува Тагешау.
(Фото: ДПА)







