Страшен земјотрес со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала ги погоди рано утринава јужна Турција, Либан и Сирија.
Според првите информации, загинале повеќе од 500 луѓе, додека неколку стотици луѓе се повредени.
Спасувачите се на терен, а бројот на жртвите се зголемува.

„Многу е студено и во моментов врне снег. Сите се на улица, луѓето се збунети. Пред нашите очи, прозорците на една зграда експлодираа поради последователните земјотреси“, рече една жена која била сведок на земјотресот пренесе Би-Би-Си.
Таа и нејзиниот брат спиеле кога се случил земјотресот.
„Се разбудивме и прашавме: ‘Го чувствуваш ова?’
Погледнав во светилката, изгледаше дека ќе се сруши врз нас. Го зедовме мојот тригодишен внук и истрчавме надвор“, додаде таа.
Нејзината зграда е оштетена, но пет околни згради во близина се урнале.

Нилуфер Аслан, жител на Адана, имал среќа да го преживее земјотресот.
Тој за Би-Би-Си изјави дека бил сигурен дека неговото семејство ќе умре кога земјотресот го затресол нивниот стан на петтиот кат.
„Вакво нешто не сум видел во животот.
Се лулавме речиси една минута“, раскажа тој.
Додаде дека ги викал роднините од други соби, и дека помислил „земјотрес е, барем да умреме заедно на исто место“.
Откако земјотресот стивнал, тој и неговото семејство истрчале надвор, без работи, само во папучи.
Аслан за Би-Би-Си изјави дека четири згради околу неговата се урнале.
(Фото: Танјуг/АП)







