Шпанскиот крал Филип VI, вчера доцна попладнето, му го даде мандатот за формирање влада на лидерот на конзервативната Народна партија, Алберто Нуњез Феихо, еден месец по неизвесните парламентарни избори.

Неговата партија освои најмногу гласови на изборите на 23 јули, но десниот блок предводен нив има 172 пратеници, а за формирање влада потребни се 176 во 350-члениот парламент.
„Кралот не утврди дека во моментов има доволно мнозинство за формирање влада“, соопшти кралската куќа.
„Претставникот на Народната партија ја изрази својата желба да биде кандидат. Народната партија освои најмногу пратенички места“, пишува во соопштението од палатата „Зарзуела“, во близина на Мадрид.
Доколку Фејо не добие поддршка во парламентот, влада ќе се обиде да состави лидерот на левата коалиција и актуелен премиер, Педро Санчез.
Левичарската коалиција предводена од неговата Шпанска социјалистичка работничка партија (ПСОЕ) освои мнозинство гласови во парламентот при гласањето за негов претседател, минатата недела.
Социјалистичката политичарка Франсина Арменгол стана прв човек на законодавниот дом со освојување на гласовите на сепаратистичката партија – Заедно за Каталонија, која ја даде поддршката за левиот блок.

Ова може да укаже на добри изгледи Санчез повторно да биде назначен за шеф на владата.
Арменгол (52) освои 178 гласа, два повеќе од апсолутното мнозинство, вклучувајќи ги и гласовите на седум претставници на партијата која ја претставува најтврдата струја на каталонскиот национализам.
Тој резултат ги потврди извештаите на шпанските медиуми за договорот што во последен момент бил направен помеѓу ПСОЕ и Заедно за Каталонија, која од егзил во Белгија ја води водачот за независност на покраината, Карлес Пуџдемон, кого шпанските судови го бараат од 2017 година, поради обидот за отцепување на Каталонија.
Без седумте гласови на пратениците на Пуџдемон, Социјалистичката партија и нејзините сојузници би имале само 171 глас, потенцијално еден помалку од десничарскиот блок собран околу Народната партија.
Шпанија до октомври мора да добие нова влада, а ако тоа не се случи Шпанците ќе одат на нови парламентарни избори.
(Фото: АФП – ЕФЕ)








