„Се додека Европската унија не преземе ефективни мерки, мораме сами да дејствуваме, и заради тоа Австрија прави се за да се заштити, сакаме да преземеме дополнителни мерки со Унгарија и Србија во борбата против илегалната миграција“, изјави австрискиот канцелар Карл Нехамер пред денешниот Самит за илегална миграција во Будимпешта.
Нехамер во Будимпешта ќе се сретне со српскиот претседател Александар Вучиќ и со унгарскиот премиер Виктор Орбан, поради зголемениот мигрантски бран преку балканската рута.
Предвидени се разговори за зголемена полициска соработка за заштитата на границите, борбата против шверцерите на луѓе и заеднички мерки за дејствување против брановите илегални мигранти.
„Австрија во моментов е масовно погодена од илегалната миграција. Солидарниот придонес што го даваме во Европа е пропорционално голем“, нагласи Нехамер.
Тој посочи дека посебно е погодена австриската покраина Бургенланд поради својата долга граница на исток. Патем, истакна дека Австрија сака да преземе дополнителни мерки со Србија и Унгарија, бидејќи кога се заштитени српската и унгарската граница, тогаш е заштитена и австриската граница.
Инаку, Австрија од 2020 година е присутна на унгарско-српската граница со свои полицајци, кои им помагаат на унгарските колеги.
Контрола на границата со Словачка
Австрија од средата воведе контрола на границата со Словачка. Одлуката е одговор на потегот на чешката влада, која од понеделникот минатата недела ја обнови граничната контрола со Словачка, за да одговори на порастот на илегалната миграција.
Поради бранот мигранти во 2015 година, Австрија и претходно воведе гранични контроли кон Словачка, но ги укина кога бројот на мигранти се намали.
Граничните контроли на границата со Унгарија останаа, каде полицијата и армијата ги надгледуваат сите возила кои влегуваат во Австрија, а во случај да се сомневаат, ги застануваат и ги претресуваат.
(Фото: Танјуг)







