Австрија воведува „регистар на терористи“

Австриската влада усвои остри мерки против терористите, кои предвидуваат и воведување на „регистар на терористи“ во кој доживотно ќе се најдат лицата осудени за кривично дело – тероризам.

„Искуствата од изминатите години јасно ни покажуваат дека многу власти имаат поединечни информации за осудени терористи, но дека е потребен сеопфатен преглед. Во иднина осудените терористи доживотно ќе бидат внесени во ‘регистарот на терористи’“, најави министерот за внатрешни работи за Австрија, Карл Нехамер.

Властите, но и компаниите од критичната инфраструктура ќе имаат можност да спроведуваат упатства преку тој регистар.

„Со тоа сакаме да спречиме терористите да можат легално да се снабдат со оружје и експлозив“, објасни Нехамер.

Исто така, се спречува и вработување на осудени за ваков вид на кривични дела во стратешки важни државни фирми и во приватни компании кои даваат услуги од областа на обезбедувањето.

Покрај тоа, осудените за тероризам можат да се соочат со одземање на возачката дозвола.

Заедно со регистарот за терористи во парламентот се упатува и пакет на законски мерки поврзаи со издржувањето на казната.

Според министерката за правда Алма Задиќ, пакетот мерки предвидува и реформа на одредбите поврзани со притворањето на психички заболените престапници, а такви моментно има 1.300 кои се во затвор.

Таа укажа дека бројот расте, а дека најчеста причина е пружање отпор против полицијата или опасна закана.

Задиќ нагласи дека новиот пакет мерки предвидува одредба според која во притвор за психички заболени лица можат да се испратат само оние кои добиле казна повисока од три години.