Азиски берзи: Внимателна трговија поради ураганот Харвеј

На азиските берзи денеска се тргува претпазливо додека се проценува штетата од ураганот Харвеј во Тексас, додека курсот на еврото во однос на доларот достигна ново највисоко ниво во последните две и пол години.

На токиската берза Никеи индексот околу 7.30 часот беше во минус за 0,1 отсто, додека цените на акциите во Јужна Кореја и Австралија паднаа за 0,5 проценти.

Берзанските индекси во Сингапур, Хонг Конг и Шангај се зголемија, пак, меѓу 0,3 и 0,8 отсто, додека индексот МЦСИ на азиско-пацифистичките акции, без јапонските, околу 7.30 часот беше во плус од 0,1 отсто.

На пазарите владее претпазливост додека се проценуваат штетите од Харвеј, најмоќниот ураган кој во последните 12 години го погоди јужниот брег на Тексас и кој предизвика поројни дождови и големи поплави.

На брегот на Тексас се затворени речиси една третина од рафинериите за преработка на нафта, а во Мексиканскиот залив не се во „употреба“ 20 проценти од американското производство. Заради тоа во петокот, во пресрет на доаѓањето на Харвеј во Тексас, цената на нафтата на лондонскиот пазар се зголеми за 0,7 отсто, а утрово дополнителни 0,4 отсто, на 52,60 долари за барел. На пазарот во САД, пак, цената за барел падна за 0,3 отсто, на 47,70 долари, откако во петокот се зголеми за 0,9 отсто.

Харвеј во САД ги врати спомените и траумите од 2005 година, кога ураганот Катрина предизвика хуманитарна катастрофа со повеќе од 1.800 мртви и уништи цели населби во Њу Орлеанс.

Во тримесечјето во кое дивееше Катрина растот на американскиот бруто-домашен производ значително се забави, но подоцна се забрза поради реконструкција на погодените области.

А на девизните пазари еврото се зголеми од петокот, затоа што претседателот на Европската централна банка (ЕЦБ) Марио Драги во говорот во Џексон Хол не покажа загриженост во врска со зајакнувањето на еврото.

Европската валута, имено, од почетокот на годината зајакна за 13 отсто во однос на американската поради политичките проблеми во Вашингтон и претпазливост од зголемување на каматите на Банката на федерални резерви (Фед).

Од друга страна, следната година се очекува заострување на монетарната политика во еврозоната, откако ЕЦБ со години ја води политиката за поттик.

Иако јакнењето на еврото оди во прилог на извозно ориентираните економии во еврозоната, Марио Драги во петокот тоа не го ни спомена, туку во својот говор се фокусираше на други аспекти, како што се солидниот раст на економијата на еврозоната. А инвеститорите тоа го сфатија како „зелено светло“ за купување на еврото.

Така, утринава девизниот курс на еврото достигна 1.1966 долари, што е највисоко ниво од јануари 2015 година, додека во петокот на затварањето на пазарот изнесување 1.1920 долари.

„Инвеститорите кои играат на еврото ќе ја користи секоја индикација дека во еврозоната се подготвува помалку стимулативна монетарна политика“, вели Крис Вестон, стратег на ИГ.

Американската валута ослабе во однос на јапонската за 0,3 отсто, на 109,15 јени. Поради тоа индексот на доларот, што ја покажува вредноста на американската во однос на другите шест големи валути, падна за 0,3 проценти, на 92,52 поени, што е најниско ниво од јануари 2015 година.