Азиски пазари: Индексите зголемени заради добрите деловни резултати

На азиските берзи денеска цените на акциите пораснаа затоа што оперативните резултати на компаниите се добри, а макроекономските податоци укажуваат на зајакнување на економиите во регионот, додека доларот и понатаму е под притисок.

На Токиската берза Никеи индексот околу 7.30 часот беше во плус од 0,3 проценти. Цените на акциите во Шангај, Австралија и Јужна Кореја пораснаа, пак, меѓу 0,4 и 1 отсто, додека во Сингапур благо паднаа.

МЦСИ индексот на азиско-пацифичките акции, без јапонските, во посоченото време беше зголемен за 0,5 отсто.

Доброто расположение на инвеститорите беше повеќе отколку што се очекуваше благодарение на кварталните деловни резултати на повеќето компании, како и на макроекономските податоци кои укажуваат на стабилен раст на најголемите светски економии.

Така, утринава извештаите покажаа дека активностите во кинескиот производствен сектор во јули се забрзале и дека пораснал бројот на нови нарачки благодарение на јакнењето на извозот.

Во јули значително се зголеми и извозот на Јужна Кореја предводен од испораката на електронски компоненти.

Денеска уште се очекуваат и првите проценки на бруто домашниот производ на еврозоната, а аналитичарите проценуваат дека растот на економијата во ЕУ е забрзан.

Поддршка на пазарите пружа и стабилноста на цената на нафтата на највисока стапка во последните два месеца.

Утринава на лондонскиот пазар цената на барел нафта се движи околу 52,70 долари, откако вчера во еден момент достигна 52,92 долари.

А, на пазарите на пари доларот и понатаму е под притисок поради политичките проблеми на претседателот на САД, Доналд Трамп, и уверувањата на инвеститорите дека американската централна банка Фед нема да брза со затегнување на монетарната политика.