Поранешниот австриски канцелар Себастијан Курц вечерва во Виена процени дека светот за десет години ќе биде сосема поинаков во споредба со денешниот, наведувајќи ги како примери промените во Франција и Германија.
На панел-дискусијата „C3 Business Talk“, Курц изјави дека протестите што со недели ја потресуваат Франција се „пример за тоа како погрешната миграциска политика води кон проблеми“, бидејќи многу млади луѓе остануваат без никакви перспективи, додека просперитетот во кој уживале нивните родители станува сè потежок за одржување.
Курц исто така изрази загриженост за случувањата во Германија, за која рече дека се наоѓа „во тешка политичка ситуација, во која маргиналните политички групи зајакнуваат, додека партиите од центарот остануваат релативно слаби“.
„За десет години ќе живееме во сосема поинаков свет“, рече 40-годишниот Курц.
Тој предвиде дека американскиот државен секретар Марко Рубио ќе биде претседателски кандидат на владејачката Републиканска партија на изборите во 2028 година, а кандидат за потпретседател ќе биде Џеј Ди Венс, кој и во моментов ја извршува таа функција.
Курц наведе дека Венс можеби ужива поголема поддршка во сопствениот табор, но дека Рубио има поголеми шанси да допре до дел од гласачите на опозициската Демократска партија.
Прашан за можно враќање во австриската политика, Курц рече дека „секогаш уживал во таа работа“, но дека „нема желба да се врати на неа“.
Курц беше канцелар на Австрија во периодите од декември 2017 до мај 2019 година и од јануари 2020 до октомври 2021 година, кога поднесе оставка поради обвинувања за корупција, а два месеци подоцна се повлече од политиката. Поранешниот лидер на конзервативната Австриска народна партија беше најмладиот канцелар во историјата на Австрија и, додека ја извршуваше таа функција, најмладиот шеф на влада во светот.
Во врска со саботната објава на британските медиуми дека зад неговото отстранување од власт би можела да стои Москва, како и дека во тоа бил вмешан поранешниот шеф на компанијата „Вајркард“ (Wirecard), Јан Марсалек, Курц вечерва изјави дека и самиот има „многу прашања“.
Во своето прво јавно појавување по објавата на британските медиуми, Курц рече дека преку својот адвокат ќе побара пристап до соодветните досиеја, со надеж дека ќе се расветли целиот случај.







