„Алкалоид“ пушти во употреба три нови погони

LinkSense.mk

„Алкалоид АД Скопје“ пушти во употреба три инвестициски проекта: Погон за  производство на полу-цврсти фармацевтски форми (масти, креми, гелови и вагитории); Централна Вагална 2 и Одделение за пакување на цврсти фармацевтски форми.

Новите производни одделенија се простираат на површина од 1000 м2 а вредноста на оваа нова инвестиција на „Алкалоид АД Скопје“ изнесува над 2,5 милиони евра. При изведбата на сите овие проекти, имплементирани се најсовремените стандарди за Добра Производна Пракса (GMP).

„Присуството на компанијата на пазарите во над 30 земји во светот и постојаното тежнеење кон отворање нови пазари и нови перспективи, налага внимателно следење на трендовите од областа на здравството и фармацијата и нивно имплементирање  во секојдневното работење.За таа цел, инвестициите во нови капацитети, технологија, знаење и кадар ќе продолжат да бидат императив во нашите секојдневни операции. Хуманата програмско производна определба насочена првенствено кон крајните корисници е начелото според кое се водиме и ќе продолжиме да се водиме во секојдневните операции, при тоа строго внимавајќи на кредибилитетот и професионалниот пристап кои ги практикуваме и спроведуваме во севкупното нашето работење“, изјави  генералниот директор Живко Мукаетов.

Погонот за производство на полу-цврсти фармацевтски форми (масти, креми, гелови и вагитории) зафаќа површина од 460м2 чисти простори во кои се одвива комплетниот процес на вагање на суровините, подготовка на полу-производи како и дозирање и пакување на готови производи.

Вкупната вредност на овој зафат изнесува околу 1,4 милиони евра, а вредноста на инсталираните хомогенизатори со кои се обезбедува подготовка на сите типови на полу-цврсти фармацевтски форми изнесува близу 400,000 евра. Со оглед на специфичноста на процесите во овој производен сегмент, одделот за инвестиции на компанијата особено водеше грижа за подигнување на нивото на безбедност на вработените и обезбедување на висок квалитет на производите во процесот.