„Алкалоид“ со инвестиции од над 1,1 милијарди денари и со 175 нови вработувања во периодот јануари-септември годинава

– Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари-септември 2020 година, продажбите достигнуваат 6.900.199.436 денари, што е за девет отсто повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 8.929.099.884 денари, што е за осум отсто повеќе во споредба со истиот период од минатата година, соопшти компанијата Алкалоид АД Скопје.

Консолидираните продажби остварени на домашен пазар се зголемени за девет отсто додека вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за седум отсто. Од вкупните консолидирани продажби, 35 отсто се остварени на домашен пазар, додека 65 отсто се остварени на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 33 отсто, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 21 отсто, во Русија и во другите земји од ЗНД се остварени осум отсто, а на другите пазари се остварени три отсто од вкупните консолидирани продажби.

Најзабележителен раст е остварен во Чешка, раст од 43 отсто, Албанија бележи раст од 36 отсто, Романија раст од 30 отсто, Грузија раст од 15 отсто, Ерменија раст од 15 отсто, САД раст од 14 отсто, Словенија раст од 12 отсто, Србија раст од 12 отсто итн.

Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 85 отсто. Од нив поголем удел имаат препаратите ОТЦ со удел од 22 отсто, кардиолошките препарати со 15 отсто, невролошките препарати со 14 отсто, антибиотиците заземаат 13 отсто од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 15 осто во вкупните консолидирани продажби, поточно хемијата учествува со 3 отсто, козметиката со осум отсто, а билкарството учествува со четири отсто.

Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 1.474.095.030 денари, бележи зголемување од околу 13 отсто, додека единечната нето-добивка изнесува 846.140.649 денари и е зголемена за 11 отсто. Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 1.547.989.921 денари и бележи раст од 16 осто, додека консолидираната нето-добивка во износ од 847.483.426 денари е зголемена за 15 отсто.

Вкупните инвестиции во основни средства, во периодот јануарисептември 2020 година, изнесуваат 1.178.726.785 денари, што е за 96 отсто повеќе во однос на истиот период од 2019 година. Реализацијата на инвестициските активности, вредни над 12 милиони евра, наменети за проширување на производните капацитети, како и за подобрување на енергетската ефикасност и за намалување на штетните емисии во воздухот, кои започнаа во 2019 година, се одвива во согласност со планираното.

Комплетирањето на овие инвестиции е предвидено во текот на 2020 година.

Во периодот јануари-септември 2020 година во „Алкалоид“ се реализирани 175 нови вработувања во Р.С.Македонија. На крајот на септември 2020 година во „Алкалоид“ во земјата работат 1.822 вработени, додека во друштвата и во претставништвата во странство има вкупно 536 вработени или вкупно 2.358 вработени во групацијата. Со одлука на Управниот одбор на Алкалоид АД Скопје, во март 2020 година е одобрен и исплатен регрес за користење годишен одмор за вработените во компанијата, во висина од 29.687 денари бруто, односно 26.718 денари нето.

Акциите на Алкалоид АД Скопје котираат на официјалниот пазар на „Македонска берза за хартии од вредност“ од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на берзата. Цената на акцијата во периодот јануари-септември 2020 година се движеше од 8.354,00 денари до 13.400,00 денари или просечно 12.070,36 денари за една акција, што претставува раст од 35 отсто во споредба со просечната цена во истиот период од 2019 година. Пазарната капитализација на компанијата на 30.9.2020 изнесуваше 17,9 милијарди денари.

Бизнис-планот за 2020 година, донесен со одлука на Управниот одбор на компанијата, на седницата одржана на 27.12.2019 година, предвидува инвестирање на околу 14 отсто од консолидираните приходи од продажбите во материјални и во нематеријални средства, раст од најмалку седум отсто на консолидираните продажби во однос на 2019 година, како и раст од најмалку сдум отсто на консолидираниот профит пред оданочување во однос на 2019 година.

Во изминатиот период друштвото се соочи со голем број интерни и екстерни предизвици и новонастанати ризици генерирани од пандемијата на Ковид-19. Ние во „Алкалоид“ презедовме голем број мерки во досегашниот период, со цел неутрализирање на сите негативни ефекти, без притоа да се загрози здравјето на вработените и успешното работење на друштвото. Во текот на вториот и третиот квартал дојде до одредено балансирање на нивото на залихите кај нашите купувачи, како и до стабилизирање на порастот на приходи од продажби. Во претстојниот период, врвен приоритет и понатаму останува грижата за здравјето на вработените, како и одржувањето на тековната ликвидност и на финансиската стабилност. Како резултат на преземените мерки очекуваме резултатите од работењето на друштвото до крајот на годинава да се движат во рамките на веќе зацртаните плански цели за 2020 година, стои во соопштението од „Алкалоид“.