Американски авион принудно слета во Португалија

Авион на „Американ ерлајнс“ што летал на релација од Њујорк до Барцелона принудно слета во Порто поради технички проблеми, соопштија Управите на шпанските и португалските аеродроми.

Според информациите од официјалните лица, пилотот на летот ААЛ66 побарал одобрување за принудно слетување, а потоа авионот се спуштил во Порто без понатамошни проблеми.

Авионот бил прегледан и не му било дозволено да го продолжи летот до крајната дестинација.

Не се соопштуваат детали за видот на техничките проблеми заради кои дошло до принудно слетување.

Сите 151 патник и 11 членови на екипажот од авионот Боинг 767-300 прво се сместени во хотели, а потоа „Американ ерлајнс“ им организираше чартер лет за да го продолжат патувањето.