Америка тврди: „Русија ќе ја нападне Украина“

LinkSense.mk

Соединетите Американски Држави тврдат дека имаат информации дека Русија подготвила група оперативци чија цел е во источна Украина да спроведат тајна лажна операција (анг. False flag operation – што означува напад на сопствените сили заради прикривање и изговор за вистинската цел), со која би имала оправдување за вистинска инвазија на Украина, пренесуваат американски медиуми повикувајќи се на изјава на официјален претставник од Белата куќа.

Неименуван функционер вели дека САД имаат докази дека оперативци обучени за урбано војување и користење на експлозиви ќе вршат саботажи насочени кон руските сили.

Портпаролот на Пентагон, Џон Кирби, рече дека американското Министерство за одбрана има веродостојни информации кои укажуваат на тоа дека Русија предложила „група оперативци да изведат операција дизајнирана да изгледа како напад врз нив или врз луѓе што зборуваат руски во Украина“ за да се создаде причина за потенцијална инвазија.

Ова доаѓа по соопштението кое во петокот го објави украинското Министерство за одбрана, во кое се наведува дека руските специјални служби подготвуваат провокации против руските сили во обид тоа да и го подметнат на Украина.

Советникот за национална безбедност, Џејк Саливан, го навести ова за време на брифингот со новинарите во четвртокот.

Нашата разузнавачка заедница има информации дека Русија ги поставува темелите за можност за измислување изговори за инвазија“, рече Саливан. „Оваа стратегија ја видовме во 2014 година. Повторно подготвуваат иста работа“, додаде тој.

Украинското Министерство за одбрана во петокот соопшти дека „воените единици на земјата агресор и нејзините сателити добиваат наредба да се подготват за такви провокации“.

Дмитриј Песков, портпарол на рускиот претседател Владимир Путин, негираше дека Москва се подготвува за провокации во Украина.

Досега сите тие изјави се неосновани и со ништо не се потврдени“, рече Песков.

Американски функционер вчера доцна попладнето изјавил за Си-Ен-Ен дека администрацијата на Бајден верува дека Русија би можела да се подготви за инвазија на Украина „која би резултирала со широко распространето кршење на човековите права и воени злосторства доколку дипломатијата не ги исполни своите цели“.

Руската војска планира да ги започне овие активности неколку недели пред воената инвазија, која би можела да започне во периодот од средината на јануари до средината на февруари“, истакнал функционерот.

САД, исто така, тврдат дека влијателни луѓе во Русија почнале да ја подготвуваат и поттикнуваат руската јавност на интервенција. Тоа вклучува сè порадикален наратив за кршење на човековите права во Украина и милитантни пораки од украинските лидери.

Во текот на декември, содржините на таков наратив на руски јазик на социјалните мрежи порасна на 3.500 објави дневно во просек, што е зголемување за 200 отсто од дневниот просек во ноември“, изјави американски официјален претставник за Си-Ен-Ен.

Овонеделните состаноци на западните и руските претставници не завршија охрабрувачки. Заменикот на рускиот министер за надворешни работи сугерираше дека разговорите дошле во „ќорсокак“ и дека не гледа причина за нивно продолжување, додека, пак, друг американски функционер предупредил дека руските воени барабани стануваат се погласни“.

Рускиот шеф на дипломатијата, Сергеј Лавров, изјави во петокот дека Русија верува дека НАТО ќе ги засили своите активности долж границата со Украина ако Москва не ги послуша барањата на Западот.

Додека нашите предлози се насочени за намалување на воената конфронтација и деескалација на севкупната состојба во Европа, на Запад се случува спротивното. Членките на НАТО ги зајакнуваат своите сили и авијација, а на териториите кои се во непосредна близина на Украина и на Црното Море, размерите на воените вежби повекратно се зголемија во последно време“, рече Лавров.

 

 

 

 

 

(Фото: Би-Би-Си)