Фудбалска класика, пресметка на две велесили од овој спорт што требаше да одлучи за тоа кој ќе го грабне последниот билет за полуфиналето на Светското првенство во Катар. По спектакуларен натпревар и 90-минутна борба на живот и смрт тоа е Франција, која победи со резултат 2:1.
Без возбудувања на теренот во увертирата на натпреварот. Класично испитување на силите, влогот беше огромен. И за едните и за другите. Се беше подготвено за „партија шах“ меѓу Дешан и Саутгејт. Никој, се чини, вчера немаше да се залета кон противничкиот гол, да не се случеше детаљот од 17 минута.
Младиот Чуамени испрати вистински проектил, а неговата бомба од преку 20 метри ја скина мрежата од голот на Пикфорд.
Од тој момент, натпреварот доби сосема поинаков интензитет, од оној што дотогаш беше прикажан.
„Гордиот албион“ се разбуди. Избраниците на Саутгејт го имаа поседот на топката, играа агресивно, и без гард атакуваа на голот на противникот.
Шансите се нижеа, но Уго Љорис заличи на Доминик Ливаковиќ од претходниот ден и со нестварни одбрани го чуваше минималниот капитал на своите сонародници.
Со резултат 1:0 за „галските петли“ се отиде на одмор, а по враќањето, шок за Мбапе и неговиот тим.
Чуамени од херој до трагичар. Во таа 52 минута младиот Французин по спектакуларниот гол направи пенал над Букај Сака.
Голема шанса за Англичаните заслужено резултатски целосно да се вратат во мечот, а Хари Кејн безмилосно од пенал погоди за 1:1.
Четвртфиналето само што започна!
Спектаклот којшто се очекуваше од натпреварот на две фудбалски велесили навистина почна да се случува. Се искреше на теренот на стадионот Ал Бајт, а фудбалските ѕвезди гореа до последниот атом и нижеа шанси по преубави акции.
Следуваше борба во која двете национални селекции како тешкаши во рингот си задаваа удари една на друга.
По две пропуштени големи шанси на двете страни, голманите повторно брилјираа, а потоа на сцена стапува Оливие Жиру.
Во моментот на надмоќ на островјаните, еден центаршут на Гризман со одлично движење без топка го следи најпотценетиот напаѓач на денешницата, и со мајсторски удар со глава го матира Пикфорд.
И кога веќе сите видоа како триколорите прават уште еден чекор кон одбрана на титулата на планетарен шампион, главниот арбитар по вторпат покажува на белата точка.
Хари Кејн ја презема одговорноста и промашува, за големата трагедија на Англија, која повторно во четвртфиналето го напушта Мундијалот.
Франција со оваа победа, после голема драма, закажа дуел со својата некогашна колонија и најпријатното изненадување на шампионатот, Мароко.
Англија-Франција 1:2
Срадион: „Ал Бајт“
Судија: В. Сампајо (Бразил)
Состави
Англија: Пикфорд – Вокер, Шо, Стоунс, Мегваер – Рајс – Хендерсон, Белингем – Сака, Фоден, Кејн.
Франција: Љорис – Кунде, Ернандез, Варан, Упамекано – Туамени, Рабио – Дембеле, Гризман, Мбапе – Жиру.
(Фото: АП / Новости)







